1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот за безбедност на ОН нема да заседава околу Косово

29 јули 2011

Советот за безбедност на ОН засега нема да дебатира за ситуацијата на српско-косовската граница. КФОР двата премина ги прогласиле за „воена зона со ограничен пристап“.

https://p.dw.com/p/125vH
Границата меѓу Косово и СрбијаФотографија: picture alliance/dpa

Советот за безбедност на ОН нема да одржи вонредна седница околу граничниот спор на северниот дел на Косово. По долги советувања, Советот го одби барањето на Србија. Особено Русија се залагаше за одржување на вонредната седница, на која збор требаше да добие српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ.

Дипломатите се согласиле дека редовната седница на Советот во август е „вистинското местo за јавна дебата околу Косово.“

Ban Ki Moon Pressekonferenz New York
Бан Ки-мунФотографија: Picture Alliance/Photoshot

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, во меѓувреме повикал на пронаоѓање решение во согласност со Резолуцијата 1244 на СБ на ОН и изразил загриженост поради неочекуваната акција, која довела до влошување на ситуацијата на северот на Косово.

Првиот човек на ОН ја поздравил одлуката на српскиот претседател Борис Тадиќ дека Србија останува посветена на решавање на проблемот по пат на дијалог и нагласил, дека е важно сите учесници во конфликтот да се воздржат од акции кои можат да доведат до влошување на ситуацијата.

Во меѓувреме, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон повторно изрази сериозна загриженост поради продолжување на тензиите на северот на Косово и осуди секаква употреба на насилство.
Таа синоќа повика на продолжување на дијалогот и најави скоро пристигнување на посредникот на ЕУ Роберт Купер во регионот.

Меѓународните сили на Косово (КФОР) синоќа соопштија дека двата премина на косовската граница кон Србија, Брњак и Јариње, ги прогласиле за „воена зона со ограничен пристап“.

Автор: ТТ/ миа/ дв

Редактор: Симе Недевски