1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Случај „Беса транс“: Суспензија на двајца цариници

25 ноември 2021

На 18-ти ноември не бил електронски евидентиран излезот на автобусот на „Беса транс“ од земјата, туку само заверен листот за превоз на патници, соопшти Царинската управа

https://p.dw.com/p/43RfY
Busunglück in Bulgarien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Царинската управа го даде одговорот на прашањето - како можело автобус без лиценца за превоз на патници да излезе од РСМ и да патува низ уште две држави? Според внатрешната контрола што ја спроведе царината, утврдено е дека автобусот излегол од земјата без да биде електронски евидентиран неговиот излез. Пропустот го направиле двајца царинските службеници кои биле на смена во тоа време.

„Првичните наоди од внатрешната контрола покажуваат дека на 18.11.2021 година, од страна на царинските службеници електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот  БЕСА Транс од Скопје,  извршена е само заверка на евидентентиот лист за превоз на патници. За досега утврдените неправилности во постапувањето, за двајца царински службеници кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат преземени мерки суспендирање од работното место, а за нивниот непосреден раководител ќе следи мерка за санкционирање“, соопшти синоќа Царинската управа.

Проверка на веродостојноста

Oд Царинската управа потсетуваат дека согласно со член 49 од Законот за превоз во патниот сообраќај, при вршењето на слободен превоз на патници во меѓународниот патен сообраќај, во зависност од видот на превозот, превозникот мора да има извод од лиценца, патен налог во оригинал, евидентен лист за превоз на патници, договор склучен меѓу превозникот и нарачувачот на услугата и правилно и точно пополнет патен лист на пропишан образец, потпишан и заверен од превозникот и заверен од надлежните царински служби.

„Врз основа на тие приложени документи, Царинската управа електронски го евидентира превозот и тоа на влез или излез при првото и при второто преминување на возилото преку граничниот премин на Република Северна Македонија, во зависност од релацијата на превозот“, објаснуваат од царината.

Од друга страна, за возилото што настрада во  несреќата во Бугарија,  во повеќе случаи во изминатиов период биле декларирани неопходните документи, па се поставува прашањето - дали биле веродостојни?

„За возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, во периодот од 15.10.2020 година до 11.11.2021 година, Царинската управа имала евидентирано повеќе преминувања, преку граничните премини: ГЦИ Деве Баир, ГЦИ Блаце, ГЦИ Ќафасан и ГЦИ Делчево, за различни видови на превоз, вклучувајќи и евиденција на бројот на Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници. Веродостојноста на овие приложени документи од превозникот дополнително ќе се проверува“, соопшти Царинската управа.

Извод нема - извод има?

Како можел да биде евидентиран број на Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, кога два дена претходно јавно беше сооопштено од надлежни министри - дека спорниот автобус не бил пријавен од страна на превозникот согласно со член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај. Токму поради тоа истиот го немало во електронската база на податоци на  Министерството за транспорт и врски.

Министерот за транспорт и врски завчера соопшти дека превозникот вршел меѓународен превоз без Извод од лиценца за конкретното возило, (што е обврска од Законот за превоз во патен сообраќај), поради што во тек е постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот, а поради тоа и Владата го задолжи Државниот инспекторат за транспорт за изврши вонреден инспекциски надзор во компанијата „Беса транс“.

Доколку се утврди дека Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај не е веродостоен, пред надлежите органи стои уште поголем предизвик – да се утврди дали ова е изолиран случај, или појава од поголеми димензии.

Трагедија на автопатот „Струма“

Дивите побројни од питомите

Меѓу фирмите кои вршат јавен превоз на патници, подолг период се говори дека оваа дејност е „окупирана“ од диви играчи на пазарот, кои се во многу поголем број од легалните.

„И секој што има помало возило, на пример со капацитет од 8, 10, 12 седишта, практично може да врши меѓународен превоз на патници, а да нема соодветени документи“, објаснува за ДВ лице кое се занимава со превоз на патници.

„Многу од таквите превозници тоа го објаснуваат како приватно семејно патување, а патниците ги прикажуваат како ‘роднини’ од поширокото семејство. За таа приказна да им ‘помине’, битно е покрај возачот да има барем уште едно лице со исто презиме како неговото, за да се оправда ‘семејноста и приватноста’ на патувањето. Во такви случаи, како алиби, со возачите најчесто патува едно лице од неговото семејство -сопруга, ќерка, син, братучед... Кај нас знаат за овие финти, но замижуваат, исто и во Србија, единствено во Грција одвреме навреме паѓаат казни“, вели нашиот соговорник.

Покрај ова, вели дека таквиот излез од земјава често е овозможен со „замижување" на граница како резултат на воспоставени пријателско-коруптивни односи, и штелување на времето за излез од земјава според тоа кога е на смена „нивен човек“.

Како посебен проблем ги истакнуваат и еднодневните екскурзии во соседството, кога за излез од земјава се пропуштат автобуси со еден возач.

„Истиот возач тргнува во 4 наутро во сабота, ја враќа групата околу полноќ или после полноќ. По само два -три часа, во 4 часот наутро, истиот возач неодморен, ненаспан, вози друга, неделна тура. Дури и сто изводи да има, дури и најнов автобус да вози, во многу случаи човечкиот фактор е тотално игнориран, а тој е многу важен“, објаснува соговорникот, потенцирајќи дека тој аспект е занемарен од  надлежните контроли.

И додека од јавноста стигнуваат апели за чести и строги контроли во оваа дејност, таа се уште не е започната ниту во „Беса транс“.

Иако Владата пред два дена го задолжи Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор во компанијата „Беса транс“, таа ни вчера воопшто не започна. Образложението е дека чекале прво да ги добијат сите документи за посочената фирма од Министерството за транспорт, за да можеле подготвени да одат во контрола.