1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенија: Избори среде криза

ЕМФ/дв/бета2 декември 2012

Во Словенија денеска (02.12) се одржува вториот круг од претседателските избори, на кои фаворит е поранешниот премиер на земјата, Борут Пахор. За утре се најавени нови протести против владата.

https://p.dw.com/p/16uMF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Борут Пахор на првиот круг од изборите, одржан на 11 ноември, освои речиси 40 проценти гласови, додека актуелниот шеф на државата Данило Тирк (на фотографијата горе лево) е на второ место со 36 проценти од гласовите. Последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека социјалдемократот Пахор има значителна предност пред Тирк, кој пред изборите важеше за јасен фаворит.

На конечниот исход од изборите за претседател на Словенија може да влијаат и демонстрациите против власта и политичките и економските олигарси коишто се одржуваат ширум земјата. По демонстрациите во петокот (30.11) уапсени беа 33 лица, кои се веќе пуштени на слобода. Според полицијата, повеќето од притворените им биле познати на службите за јавен ред и мир од порано. Демонстрантите фрлаа со камења, шишиња и петарди. Тие бараа оставка на владата и носеа плакати на кои пишуваше „Крадци“ и „Ви дојде крајот“.

За утре се најавени нови демонстрации на граѓаните во Марибор, Цеље, Птуј, како и во Љубљана. На социјалната мрежа Фејсбук за 21 декември е најавено и „општословенечко народно востание“ против владејачката гарнитура. Организаторот повикува на протести „против поделбата на политиката, поделбата на народот, против корупција во државните институции и на локално ниво“.

Словенија е дел од евро-земјите кои се најтешко погодени од финансиската криза. Економијата од 2009 година досега опадна за повеќе од осум проценти, а стапката на невработеност изнесува околу 12 проценти.