Словенија го заостри курсот на штедење
5 октомври 2012Целта е во наредните години да се намалат новит задолжувања на државата на помалку од 3 проценти од брутодомашниот производ и со тоа земјата да се придржува до соодветните правила на Пактот за стабилност на еврозоната.
Словенија може со сопствени сили да излезе од сегашната криза, доколку ја спроведе фискалната консолидација и неопходните реформи, изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша, додавајќи дека во тој случај нема да има потреба од странска помош.
„Ги имаме сите потенцијали сами да ја извлечеме Словенија од опасните води“, рече Јанша по состанокот со претседателот на Европската централна банка, Марио Драги.
Јанша, кој донеодамна предупредуваше дека на Словенија и‘ се заканува неликвидност доколку не успее да ги продаде долгорочните државни обврзници, што не и‘ поаѓаше од рака поради високите камати, вчера (04.10) изјави дека може да избегне ситуација во која би барала помош, под услов да ги спроведе потребните реформи и фискална консолидација.
Балканската земја, исто како и Грција и Кипар, западна во криза поради презадолжените банки. Експертите не исклучуваат дека и Словенија кога тогаш ќе мора да прими помош од европските фондови за спас од кризата.