1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Сѐ помалку простор за цивилното општество

Матијас фон Хајн
6 април 2022

Новиот „Атлас на цивилното општество“ прикажува загрижувачки тренд: ограничување на слободата на луѓето во светот. С. Македонија е во втората категорија, каде власта повремено го сузбива просторот за цивилното општество

https://p.dw.com/p/49XbI
Belarus Polizeigewalt bei Festnahme
Фотографија: TUT.by/AP/picture alliance

„Само три проценти од светското население има среќа да живее во земји каде цивилното општество има полна слобода за работа“, вели Зилке Фајфер од невладината организација „Леб за светот“ (Brot für die Welt), основана од Евангелистичката црква во Германија.

Според новиот „Атлас на цивилното општество“, што го издава оваа организација, произлегува дека само 240 милиони од осум милијарди луѓе живеат во 42 земји каде цивилниот ангажман е слободен во целост. Во нив спаѓаат Германија, скандинавските земји, земјите од Бенелукс, Канада.

Тука станува збор за волонтери, кои на пример им помагаат на бегалците, за невладин сектор, кој се занимава со цел спектар теми како права на работниците, сексуалните малцинства или индогени народи, за мали граѓански  медиуми,  но и за правото на протест.

Србија - најлоша во регионот

Во втората категорија – онаа каде властите понекогаш го стеснуваат просторот за цивилното општество, се вбројани 40 земји, како Северна Македонија, Хрватска, БиХ, Косово, Црна Гора, Албанија, но и земји како Франција, Шпанија, Австралија и Јапонија.

Србија се наоѓа во третата категорија (47 држави), каде цивилното општество е опструирано, зашто е изложено на надзор, бирократски шиканирања или јавен подбив. Има независни медиуми, но тие се изложени на притисоци и се оцрнувани во јавноста, додека протестите можат да бидат забранети или насилно растурени. Во таа категорија се на пример и Унгарија, САД и Украина. 

Во четвртата категорија (44 држави), каде цивилното општество се сузбива, се класифицирани Турција, Русија, Индија, Мексико, голем дел од Африка. Цивилното општество пак е целосно забрането во 23 држави, како Кина, Иран, Саудиска Арабија или Египет.

Големо влошување во Русија

„Атласот на цивилното општество“ го потврдува трендот кој неодамна го констатираа и други организации, како фондацијата „Бертелсман“ и  Амнести интернешнал:  демократијата во светот слабее, човековите права се намалуваат.

„Цивилно општество постои насекаде. Постои и во Кина, а според сѐ што знаеме дури и во земји како Северна Кореја и секако во Русија, но под сосема различни околности“, вели Руперт Граф Штрахвиц, основач на фондацијата „Мецената“ од Минхен.

Infografik Karte Civicus Zivilgesellschaft unter Druck DE
Атлас на цивилното општество - сината боја прикажува слободи, црвената - забрани

Во Русија состојбата е влошена од нападот врз Украина. „Луѓето кои излегуваат на улица да протестираат се масовно апсени, медиумите се затвораат, за одредени работи воопшто не смее да се известува“, набројува Зилке Фајфер. „Многу важни гласови беа принудени да заминат во странство.“

Една од нив е и Ангелина Давидова, новинарка и еколошка активистка која сега е во Берлин. „Мислам дека нешто имавме постигнато, видовме дека општеството почна да се менува. Но, сега имам чувство дека сето тоа е уништено со настаните од последниот месец. Се урна многу од она на што работев и од вредностите за кои се борев“, вели таа за Дојче веле.

Борба за информации

Во „Атласот на цивилното општество“ посебно се истакнува  дигитализацијата  од која цивилното општество профитираше. „Една од причините за силен развој на цивилното општество во последните три децении е можноста да се шират информации без посредници, т.е. без ‘чувари на капијата'" (Gatekeeper), вели Граф Штрахвиц.

Меѓутоа,  режимите на разни држави  преземаат мерки да ја ограничат слободата која ја донесе дигитализацијата. Во „Атласот“ се нагласуваат драстични мерки како исклучување на интернет, како лани во Танзанија, неколку дена пред избори. Во Индија лани повеќе од сто пати беше исклучуван интернетот во разни делови од земјата.

Авторите го наведуваат и примерот со  руските дезинформации  уште од почетокот на војната во Украина.  Лажните вести станаа оружје,  велат, и тоа го загрозува правото на информации како едно од основните права. „Кога тоа право се сузбива со ширење лажни вести, тогаш пука еден од темелите на цивилниот ангажман“, заклучува Фајфер.