1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Следен чин: Европа воведува санкции против Русија

Бернд Ригерт/ Жана Ацеска17 март 2014

ЕУ и НАТО не го признаваат референдумот на Крим. ЕУ ќе воведе ограничувања за патувањата и ќе блокира банкарски сметки. Целта е Русија да биде принудена да седне на преговарачка маса.

https://p.dw.com/p/1BQij
Фотографија: picture-alliance/dpa

ЕУ, НАТО, Советот на Европа и Г7, групата од седум индустриски најразвиени земји се единствени: референдумот за независност на Кримскиот полуостров од Украина нема да биде признат. Уште на крајот на гласањето претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпој и претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо во Брисел настапија заеднички:

„Референдумот е нелегален и неговиот резултат е неважечки“. Двајцата претседатели го повторија барањето до Русија да ја намали бројноста на своите трупи на Крим. Тие го побараа истото што и 28-те шефови на држави или влади на ЕУ на 6. март - да се почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

„Решение на кризата е можно само со заедничка соработка низ дипломатски процес, кој вклучува директни преговори меѓу владите на Русија и Украина“, истакнаа Ван Ромпој и Барозо.

Генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен уште во саботата соопшти дека Алијансата го отфрла референдумот и го смета за незаконски.

„Руската Федерација треба да постапува одговорно, да ги исполнува своите обвсрки согласно меѓународното право и да се придржува на принципите кои важат во Советот НАТО -Русија. Потребни се преговори за намалување на напнатоста и политичко решение на конфликтот“.

НАТО беше соочен и со хакерски напад на својата интернет страница за кој се смета дека е одговорна групата „Сајбер Беркут“. Портпарол на НАТО изјави дека не била доведена во прашање работата на Алијансата. Хакерските напади продолжуваат, но страницата функционира.

Решение за Крим не е на повидок

Рускиот претседател Владимир Путин не е подготвен за формирање меѓународна контакт група и преговори. По разговорот со германската канцеларка Ангела Меркел, Путин се согласи во Украина да бидат испратени поголем број набљудувачи од ОБСЕ. Вооружени лица меѓутоа на набљудувачите на ОБСЕ минатите денови им оневозможија пристап на Крим. Путин тврди дека тоа не се руски војници, туку групи за самоодбрана, врз кои Москва нема влијание.

Thorbjorn Jagland Nobelpreiskomitee
Торбјорн ЈагландФотографија: picture alliance/dpa

Генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд за Дојче веле изјави дека не верува оти ќе дојде до војна на Крим.

„Не сум уверен дека ќе можеме да најдеме решение за Крим, можеби тоа ќе биде можно во иднина“.

Отцепувањето на Крим и неговото приклучување кон Русија и покрај вербалните протести, според дипломати во Брисел, не може да се спречи.

ЕУ очекува во наредните денови кримската влада официјално да побара од Русија прием во Руската Федерација. Текот на настаните се одвива според руско сценарио, а со натамошни чекори очигледно се тестираат нервите на Европа. За Европа кризата со Крим е тест и за нејзината веродостојност и шанса за покажување заедничка сила, велат дипломати од Брисел.

Денеска министрите за надворешни работи на ЕУ ќе воведат први санкции против група руски граѓани и политичари од Крим. Се работи за ограничувања за патувања во ЕУ и блокада на банкарските сметки во ЕУ. Листата на кои се однесуваат санкциите изнесува околу 100 лица. Дел од нив се меѓу најблиските соработници на Владимир Путин.

Доколку Москва и по очекуваното денешно воведување ограничување на патувањата и замрзнување банкарски сметки не се согласи на директни преговори со владата во Киев, не е јасно што може да преземе ЕУ. „Третиот“ степен би биле вистински економски санкции и ограничувања во трговијата. Но, тие би биле воведени ако Русија ја дестабилизира ситуацијата во источна Украина или таму испраќа трупи. Москва засега зборува за поединечни повици за помош на етничките Руси во источна Украина, каде мнозинско население се луѓе кои зборуваат руски. Економските санкции се најсилното оружје што може да го употреби ЕУ. Но во Брисел и во Берлин се стравува од почеток на спирала санкции и контрасанкции со тешко согледливи последици.