Скандалот „Каузак“ ја тресе владата на Оланд
3 април 2013Новата катастрофа за претседателот Франсоа Оланд почна со тонска снимка на која наводно неговиот министер за буџет Жером Каузак зборува за сметка во Швајцарија. Тој со недели негираше се‘ и во интерес на истрагата се повлече од министерската функција, но како што сега излегува, ги лажел сите и ја вовлече владата во сериозна криза.
Што знаел Оланд? Лидерот на опозицијата Жан-Франсоа Копе денеска (03.04) рече: „Или претседателот не знаел ништо, што е доволно лошо и зборува за голема наивност, или пак претседателот бил запознат со се‘ и и тој го лажел народот. Веќе не се знае кому може да му се верува во оваа влада.“
Авторитетот на владата е разнишан. Жан Лук Меланшон од Партијата на левицата за Каузак остро рече: „Човекот е прототип на безобразие. Тој е еден од оние кои се‘ уште размислуваат во класи, кои се сметаат себеси за нешто подобро, за некој за кого законите не важат.“
Каузак е исклучен од партијата
Вџашени се и партиските пријатели на екс-министерот социјалист. Тие го исклучија Каузак од партијата. „Лидерот на пратеничката група Бруно ле Роа изјави: „Му верувавме. Многу грд удар. Намерно не‘ лажел. Тој и‘ нанесе голема штета на политиката.“
Каузак му нанесе нов низок удар на Оланд. Во четвртокот (28.03) осум милиони Французи на телевизија следеа како претседателот го брани својот екс-министер: „Верувам на неговата изјава. Тој рече дека нема сметка“, рече Оланд.
Сега претседателот мора да признае дека наседнал на измамник. Под знак прашање се ставаат неговата способност за раководење и моќта за проценка. Резултатите во анкетите се и онака на дното. Ниту еден претседател пред Оланд не бил толку неомилен. Портпаролката на владата Вало-Белкасем се обиде да ја спушти топката. „Се работи за еден единствен човек кој лажел, а не за институција, партија или влада. За ова е одговорен само тој. Секој во сопствената фамилија може да има измамник.“
Против Жером Каузак во јануари беше отворена истрага поради сомневање за даночна измама. Францускиот портал Медијапарт на почетокот на декември го обвини министерот дека со години има тајна сметка кај швајцарската банка УБС. Каузак тоа го демантираше. На својот интернет блог во втората половина од декември тој напиша: „Никогаш не сум отворил или имал сметка во УБС, во Швајцарија или каде било на друго место во странство.“