1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ситуацијата во северно Косово на работ на ескалација

26 јули 2011

Косовските специјални сили во текот на ноќта ја презедоа контролата врз еден граничен премин кон Србија, додека обидот да се преземе и вториот пропадна, откако се спротивставија локалните Срби.

https://p.dw.com/p/123Gq
Граничниот премин ЈарињеФотографија: Filip Slavkovic

Специјалните единици на косовската полиција синоќа го зазедоа административниот премин Брњак на северот на Косово, додека локалните Срби ги спречиле да го преземат и блискиот пункт Јариње.

Во текот на ноќта се одржаа преговори меѓу локалните Срби и претставници на специјалната полиција, но ситуацијата и натаму останува тензична. КФОР го блокираше мостот во Митровица, а градот го надлетуваат хеликоптери.

ЕУЛЕКС вели дека не учествува во операцијата

Косовскиот министер за внатрешни работи Бајрам Реџепи потврди дека се водела акција за заземање на граничните премини Јариње и Брњак. Целта, рече Реџепи, била да се преземе контрола врз премините и на тој начин да се обезбеди спроведувањето на одлуката за забрана на влез на српски производи на косовска територија. Приштинските медиуми пишуваа дека се работи за „прв обид на косовските власти да ја преземат контролата врз целата територија на земјата“.

UN-Soldaten vor brennender Grenzstation im Kosovo
Србите од северно Косово во 2008 година насилно го преземаа граничниот премин БрњакФотографија: AP

Нејасно е дали акцијата била изведена во координација со претставниците на мисиите на ЕУЛЕКС и КФОР во земјата. Наспроти косовските власти кои тврдат дека работеле во координација со меѓународните претставници, од ЕУЛЕКС стигна известување дека тие не учествуваат во операцијата и бараат мирна разврска на состојбата.

Косовските специјални единици доцна синоќа најпрво го зазеле преминот Брњак, и тој е сега под контрола на КФОР силите, кои интервенирале за смирување на состојбата, откако локалните Срби се обиделе да го спречат преземањето. Обидот на официјална Приштина да ја преземе контролата и врз вториот премин бил осуетен од локалното население.

Властите во Белград реагираа до ЕУ, ОН и НАТО

Србите поставиле камиони и барикади и истуриле песок на патот кој води кон преминот Јариње. Во меѓувреме локалното население го блокирало и пристапот до повеќе села на северот на земјата. Според министерот за Косово и Метохија во српската Влада, Горан Богдановиќ повеќе од 1.000 Срби се наоѓаат на барикадите во Лепосавиќ и Брњак.

Српскиот претседател Борис Тадиќ и премиерот Мирко Цветковиќ во текот на ноќта контактирале со претставници на ЕУ, НАТО и ОН и барале да ги спречат акциите на косовската полиција.

Владата на Косово во средата донесе одлука да забрани увоз на стока од Србија. Косовската влада наведе дека одлуката претставува одговор на тоа што Србија не го признава печатот на косовската царина и што оневозможува извоз од Косово во Србија. Двата гранични премини беа заземени од локалните Срби веднаш по прогласувањето на косовската независност во 2008 година, и оттогаш се под нивна контрола.

Автор: Борис Георгиевски/бета/б92/макфакс

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема