Сириското културно богатство на удар на гранатите
Војната во Сирија е сѐ побрутална и одзема сѐ повеќе животи. На удар се и остатоците од древните сириски градови, некои стари и до 4.000 години. УНЕСКО состави извештај за оштетувањата.
УНЕСКО алармира
Војната во Сирија одзема сѐ повеќе животи. Во судирите меѓутоа исчезнуваат и некои од најдрагоцените споменици на културата, не само за земјата, туки и за светот. Во изминатите четири милениуми на овие простори свои траги оставиле Вавилонците, Египќаните, Персијците, Римјаните, Арапите... УНЕСКО е загрижен за културното богатство на Сирија и подготви извештај за оштетувањата.
Загрозен е стариот дел од градот во Алепо
Уште во јуни 2013. година УНЕСКО на листата на загрозени стави шест споменици во Сирија. Меѓу нив е и стариот дел од градот во Алепо, уништен во борбите. Алепо се споменува уште во документите кои потекнуваат од 1900-та година пред нашата ера. Градот и тогаш бил еден од културните центри во регионот.
Пожар во историскиот пазар
УНЕСКО го прогласи Стариот град во Алепо за дел од светското културно наследство и поради познатиот пазар. Тој опфаќаше околу 350 хектари и во неговите бројни улички се наоѓаа бројни продавници. Историскиот центар на Алепо е заштитен со ѕид долг пет километри. Но, ни тој не ја спречи катастрофата при која во 2012. година гранатите го запалија пазарот.
Цитаделата во Алепо
Во текот на војната, спомениците на културата беа злоупотребувани во воени цели, како стратешки точки. Во нив се вбројува и Цитаделата во Алепо. Оваа тврдина се издигнува на ритчето покрај градот. Неа ја изградиле Селекуидите, династија која во 4. век пред нашата ера го наследила Александар Велики. На овој брег свои храмови изградиле Грците, Римјаните, Персијците, Византијците и Османлиите.
Бомби во Дамаск
Стариот дел од градот во Дамаск бил населен уште пред 4.000 години и тој е исто така споменик на УНЕСКО. Пред војната, овој дел од градот со продавниците, рестораните, џамиите и црквите беше една од главните туристички атракции во Дамаск. Во јуни 2013. овде експлодираа бомби и така стариот дел од градот првпат стана мета на нападите.
Триумфалниот лак во Палмира
Палмира, градот кој никнал околу оаза во пустината, исто така е загрозен. Триумфалната капија се‘уште стои, иако некои археолошки наоѓалишта се веќе ограбени. Палмира, од архитектонски аспект, е заштитен знак на Сирија. Оваа историска улица ја краси величенствен лак, коринтски столбови и ѕидовите на храмот Баал, кои веќе имаат лузни од ударите на гранатите.
Тврдината Шевалие
И овој споменик се наоѓа сред воените судири - тврдината Шевалие, на работ на ритчестото подрачје под контрола на алевитите. Неа ја подигнале крстоносците во 1099. година при својот поход кон Ерусалим. Бунтовниците тврдат дека повеќепати била на удар на сириската авијација. Сириската армија тврди дека бунтовниците ја користат како свое упориште.
Амфитеатарот во Босра
Освен во Алепо и Дамаск, на удар е и стариот дел од градот во Босра. Овој амфитеатар донеодамна се сметаше за еден од најдобро очуваните римски амфитеатри на светот. Арапите во 12. век го преуредиле во тврдина. Музичарите и оркестрите од цел свет го ценат поради извонредната акустика. Наводно и амфитеатарот е оштетен во борбите.
„Мртвите градови“ исто така на „Црвената листа“
И таканаречените „мртви градови“ се ставени на „Црвената листа“ на загрозени споменици на УНЕСКО. Во овие населби во северниот дел од Сирија се наоѓаат бројни градби од византиско време. Античките градби Еради пред војната беа добро очувани. Од почетокот на судирите и тие се најдоа на удар на гранатите, а делумно се и ограбени.
Ограбени музеи
Состојбата во сириските музеи е исто така драматична, многу се во подрачјата во кои се водат борби, на пример, музејот во Идилиб. Тука се наоѓаат и ткн. Ебла плочи од теракота, чија вредност е непроценлива. Во 2011. година некои од овие плочи од музеите од Дамаск и од Алепо се префрлени во трезорот на државната банка. Најголем дел од музеите е изложен на милост и немилост на разбојниците.