„Сидр“ го опустоши Бангладеш
17 ноември 2007Воени бродови и хеликоптери денеска се обидуваат да стигнат до најпогодените подрачја од циклонот „Сидр“. Се уште немаат контакт со јужниот брег на Бангладеш кој е најпогоден. Бројот на жртвите се искачи на 1000, но властите стравуваат дека крајниот биланс може да биде неколку илјади настрадани. Се уште многу луѓе се водат како исчезнати.
„ Поголемиот број жртви настрадале како последица на повреди. Зборуваме за силен ветар кој дувал со над двесте километри на час. Многу куќи не го издржаа налетот на ветрот и ударите на водата“, вели шефот на УНИЦЕФ во Бангладеш Луис Арсенолт.
Многу улици се поплавени со вода, а голем дел населби, особено во главниот град Дака се без струја и телефон. Стотици илјади лица се евакуирани.
„Бурата изминатата ноќ беше многу силна. Ни ја разурна куќата. Се што имавме ни е уништено. На полноќ моравме да избегаме со децата, “ вели еден од преживеаните.
Одобрена итна хуманитарна помош
Властите веќе од воздух фрлаат хуманитарна помош и храна во настраданите подрачја. ЕУ одобри итна помош од 1,5 милиони евра, а Германија стави веднаш на располагање околу 200 000 евра за хуманитарни цели.
Силни циклони го погодуваат Бангладеш секоја година. Најголемата катастрофа е забележана во 1970 година, кога загинале над 500 000 лциа, додека во 1991 година во слично невреме настрадале 143 000 луѓе.