Се шири светското културно наследство
29 јуни 2015Античките храмови, портата во форма на лак и театарот во Палмира наскоро би можеле да бидат кренати во воздух од страна на терористичката милиција „Исламска држава“. Тоа е хорор-сценарио за околу 2100 учесници на конференцијата на УНЕСКО, која започна вчера во Бон и ќе трае 11 дена. Сценариото би можело да биде тажна реалност уште за време на конференцијата: Исламската држава ги минира тие споменици на културата во Сирија. Затоа заштитата на загрозените споменици од светското културно наследство е во врвот на дневниот ред на конференцијата. Делегатите сакаат да усвојат резолуција која ќе го нагласи значењето на заштитата на културното наследство на човештвото.
„Војна против културната меморија“
Светската заедница треба да биде повикана решително да им се спротивстави на ограбувањата и уништувањата од страна на Исламската држава. „Не е воена стратегија да се уништува културната меморија на луѓето“, рече Марија Бемер, претседател на Комитетот на светското културно наследство, во разговор за ДВ. „Мора да се постапи против тоа. Не мора секогаш да е со војнички средства. Можно е и со солидарност од сите држави во светот“.
Во овој контекст Бемер укажа на резолуцијата на Генералното собрание на ОН од крајот на мај годинава, со која се осудува опустошувањето на споменици на културата како Хатра и Нимруд. Таа резолуција доби широка поддршка и од муслимански земји. Тоа покажува дека религиозното образложение на Исламската држава за уништувањето на спомениците не е прифатено „од ниедна држава во светот“.
Нови објекти во светското културно наследство
Втората голема тема на конференцијата е признавање на нови објекти како дел од светското културно наследство. Поднесени се 36 предлози од цел свет: од лозја во францускиот регион Шампања, па се’ до цртежи на карпи во Источна Уганда.
Во трка се и два предлога од Германија: магацинскиот комплекс во пристаништето во Хамбург, изграден врз дабови столбови, најголем таков во светот, заедно со дел од старото градско јадро на Хамбург, како и катедралата во Наумбург.
Предзнаците за Хамбург се позитивни: независното експертско тело Икомос го препорача приемот на магацинскиот комплекс, една од знаменитостите на Хамбург. Тоа би бил 40-ти објект во Германија вброен во светското културно наследство. Шансите на Наумбург се полоши: катедралата во Наумбург не доби препорака од експертите.
Трето тежиште за кое ќе дискутира Комитетот на УНЕСКО е како да се одвива поправедно и потранспарентно изборот на објекти што би влегле во светското културно наследство. Во моментов на листата владее голема нерамнотежа во полза на Европа, Северна Америка и Азија.