1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Состојбата е сериозна“

Кај-Александер Шолц / ЕМФ15 ноември 2015

По средбата на германскиот Совет за безбедност, министерот за внатрешни работи Де Мезие оцени: опасноста од тероризам е голема. Истовремено, тој предупреди да не се повлекуваат пребрзо паралели со дебатата за бегалците.

https://p.dw.com/p/1H67g
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие вели дека се‘ уште не е јасно дали покрај познатите осуммина напаѓачи во Париз има и други атентатори. Сега претпазливоста и набљудувањето се најважни. Состојбата е сериозна, оцени министерот.

Според Де Мезие, германските безбедносни служби немале сопствени сознанија за атентаторите. Тоа е работа на француските власти со кои постојано се разменуваат информации, вели тој. Германија, од своја страна, понудила секаква можна помош. Заеднички се работи на откривање дали евентуално има поврзаност на нападите со Германија. Лицето кое минатата недела е уапсено во Баварија со тешко вооружување во својот автомобил и чиј систем за навигација го имал Париз како дестинација, сега е во истражен затвор. Меѓутоа, се‘ уште не е јасно дали тоа е поврзано со терористичката серија. За тоа да се утврди е потребно време, нагласи министерот.

Мерки за заштита и кризни средби

Министерот за внатрешни работи информира дека во Германија се преземени сите „неопходни“ мерки и така ќе остане и во иднина. Тоа подразбира засилено присуство на сојузната полиција на аеродромите и големите железнички станици. Освен тоа, полицијата е и „поробустно“ опремена, што значи со заштитни елеци и автоматско оружје. Граничните контроли што се вршат на патниот, железничкиот и воздушниот сообраќај ги има пред се‘ од насока на Франција кон Германија. Исто така, засилено е набљудувањето на познати исламисти и на десничарската сцена. Воведени се и други „оперативни мерки“ кои вообичаено се преземаат по терористички напади во странство. Меѓутоа, од безбедносни причини за нив не смее да се зборува, нагласи Де Мезие.

Frankreich Paris Anschlag Gedenken Kondolenzbuch Merkel
Ангела Меркел и дел од нејзиниот кабинет се запишаа во книгата на жалостФотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Политички последици по дебатата за бегалците?

Министерот категорично нагласи дека во сегашната ситуација не би требало да се прават избрзани паралели со дебатата за бегалците од Сирија. Сега сите треба да бидат воздржани и да размислуваат за што зборуваат или што прават, рече тој.

Но првите изјави околу ова се веќе дадени. Баварскиот премиер и лидер на Христијанско-социјалната унија (коалиционен партнер на партијата на Меркел, н.з.) Хорст Зехофер побара поголема заштита на границите. „Мора да знаеме кој минува низ нашата земја.“ Зехофер се залага за значително намалување на бројот на бегалци во Германија. И во партијата на канцеларката - ЦДУ, се води дебата. „Веќе не смее да има неконтролиран влез, токму во светло на настаните“, изјави саксонскиот премиер вчера.