1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се наѕира ли независност на Косово?

25 октомври 2007

Се ближи 10 декември до кога преговорите под посредништво на Тројката за Косово треба да завршат. Нема знаци за компромис. Српскиот вицепремиер Џелиќ се обиде да ги убеди германските пратеници во српските аргументи.

https://p.dw.com/p/BwMc
Божидар ЏелиќФотографија: AP Photo

Српскиот заменик премиер Божидар Џелиќ беше поканет во германскиот парламент за да ги информира пратениците како Србија го гледа решението на косовското прашање. Но, Џелиќ вчера во Берлин не кажа ништо ново. Ги повтори веќе познатите позиции на неговата земја дека независност на Косово не доаѓа в предвид.

“Белград е подготвен по договорот да му даде на Косово сопствена даночна политика, монетарна политика, директен пристап до меѓународните финансиски институции, надвор од Србија да има претставништва во областа на економијата и културата и да има одвоен пат за преговори со ЕУ. Тоа се навистина конструктивни елементи, но постои црвена линија под која Србија не може да оди. А тоа е да се навлегува во нејзиниот територијален интегритет.”

Ишингер предупредува од лажни илузии

Но, 90% од албанското население во покраината се залага за независност поради што е тешко веројатно дека ќе дојде до усогласување на двете страни. Затоа германскиот дипломат и претставник на ЕУ во посредничката Тројка, Волфганг Ишингер нема илузии. Тој во интервју за Дојче Веле предупредува:

“Кога прашањето за Косово би можело да се реши така едноставно тогаш нема да биде потребно посредништвото на Тројката, и тоа одамна ќе беше решено. Секако Тројката не е магично стапче. Не сакам да се создаваат илузии дека ние сигурно ќе постигнеме некаков резултат. Можно е, но некои мислат и дека нема да ни успее. Тогаш не се исклучуваат еднострани одлуки”.

Ќе го признае ли Белин независно Косово?

Под ова се подразбира најавата на властите во Приштина дека еднострано ќе си прогласат независност со што ќе се отвори патот Косово да го признаат повеќе држави. Веќе е познато дека меѓу првите ќе биде САД, но и дел од ЕУ членките. По медиумските извештаи дека и германската влада веќе донела одлука за признавање на независност на Косово, владиниот портпарол Вилхелм изјави:

“Ве молам за разбирање дека не сакам официјално да коментирам шпекулации. Остануваме на ставот дека ги поддржуваме преговорите кои ги води Тројката и се надеваме оти ќе се постигне компромис. Понатамошните реакции зависат од исходот на преговорите кој се очекува на 10 декември”.

Од друга страна портпаролот за надворешни работи на владеачката СПД, Герт Вајскирхен во едно интервју потврди дека одлука за признавање на Косово не е донесена, но дека во владата имало разговори на таа тема. И претставникот во Тројката Волфганг Ишингер во интервјуто за Дојче Веле не исклучува идно членство на Косово во ЕУ.