1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бара стратегија против ИД

Дагмар Пепинг (ндр)/ А.Трајковска 14 октомври 2014

За борбата против Исламската држава одамна е потребна меѓународна стратегија. Воени лица од 20 држави во близина на Вашингтон ќе се советуваат за заеднички мерки. На средбата треба да присуствува и претседателот Обама.

https://p.dw.com/p/1DVQO
Фотографија: dapd

Оценката на сенаторот Џон МекКејн е поразителна: Стратегијата на американската влада во борбата против терористичката организација Исламска држава не функционира, критикуваше поранешниот претседателски кандидат на Републиканците и побара промени.

Бидејќи воздушните напади против екстремистите не делуваат, сенаторот МекКејн предлага три мерки. Американски копнени трупи - елитните војници на специјалните сили и експерти, кои на копно во Ирак и во Сирија ќе ги пронаоѓаат целите за воздушните напади врз ИД. Повеќе и пред сѐ модерно оружје за курдските пешмерга борци, за да можат да се справат против одлично вооружените војници на ИД. Воедно тој бара и воведување за тампон зона и зона за забрана за летање во Сирија.

Обама ќе учествува на средбата

Очигледно е дека постои итна потреба за разменување на гледиштата околу правилната стратегија во борбата против ИД. Шефот на генералштабот на американската војска Мартин Демпси ги покани шефовите на војските на 20 земји на разговори во една воздухопловна база во близина на Вашингтон.

USA Washington Senat Abstimmung zum Syrien-Einsatz
Шефот на генералштабот на американската војска Мартин ДемпсиФотографија: Reuters

Колку се важни разговорите за сојузниците покажува и најавеното учество на претседателот Барак Обама. Неговата порака од почетокот на воздухопловните напади пред два месеци гласи: Имајте трпение!

Меѓутоа во последните денови зачестија лошите вести за алијансата што ја предводат САД: борбата околу пограничниот град Кобане на турско-сириската граница, речиси целосната контрола врз ирачката провинција Анбар од страна на ИД, како и напредувањето кон Багдад. Борците на ИД стојат на само неколку километри од ирачкиот главен град. За ИД да не го заземат важниот аеродром, американските воени сили, според генерал Демпси, употребуваат борбени хеликоптери.

САД и натаму се надеваат на Турција

Иако ситуацијата во Ирак е опасна, сојузот против ИД би можел и би требало да стори повеќе пред сѐ во Сирија, подвлече американскиот генерал пред средбата на шефовите на војските на 20 држави. Притоа американската влада се надева и натаму на согласност од Турција - и по демантот на владата во Анкара дека воените сили на САД во иднина смеат да ги користат турските воени бази за воздушните напади против ИД.

Националата советничка за безбедност на Обама, Сузан Рајс во неделата обелодени дека Турција дала согласност. Но, ден потоа стигна негирањето од Анкара. Само недоразбирање меѓу двата НАТО- партнери или знак за подлабоки разлики во мислењата меѓу владата на Обама и Турција? Во секој случај доказ дека средбата во Вашингтон одамна беше потребна.