1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ со кривична пријава против Јанкулоска

СН/ам/миа/мф8 мај 2014

Најголемата опозициска партија во Македонија обвинува дека министерката во 2006. година извршила злоупотреба на службена положба и затајување данок. Владејачката партија, пак, веднаш го обвини СДСМ за лаги и манипулации.

https://p.dw.com/p/1BvrB
Фотографија: Petr Stojanovski

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија поднесува кривична пријава против Гордана Јанкулоска, информира на денешната прес-конференција партискиот портпарол Петре Шилегов. Според Шилегов, постојат сериозни сомневања дека Јанкулоска, од позициите секретар на ВМРО-ДПМНЕ и министерка за внатрешни работи, во 2006-та година, направила две тешки кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластување и затајување данок.

„Постојат сериозни основани сомненија дека кеш пари во висина од 80.000 евра, или две донации за ВМРО-ДПМНЕ од 30.000 евра и од 50.000 евра, противзаконски завршиле лично кај Гордана Јанкулоска. Донаторот на парите, Загорец Тумбовски, како што извести преку медиумите, и лично се обратил со изјава до јавниот обвинител, во која го потврдува и објаснува целиот случај“, рече Шилегов.

СДСМ бара од јавниот обвинител Марко Зврлевски да отвори истрага, да предложи мерка за обезбедување на Јанкулоска и да се направи графоскопско вештачење. Непостапувањето на обвинителот Зврлевски по случајот, според СДСМ, би значело кршење на неговите службени и законски права и обврски.

„СДСМ е во очај“

Mazedonische Innenministerin Gordana Jankuloska
Фотографија: MIA

Владејачката партија ВМРО ДПМНЕ веднаш реагираше на прес-конференцијата на Шилегов. Партијата го повика јавниот обвинител да се произнесе во најкус можен рок и порача дека Гордана Јанкуловска повторно ќе му даде шанса на Шилегов новите клевети да ги брани пред надлежниот суд.

СДСМ, се вели во реакцијата, се очајни и се обидуваат преку монтирани и
лажирани документи, здружени со лице правосилно осудено за фалсификат и злоупотреби, со неважечки печат и измислен потпис да создадат магла која ќе ја покрие нивната безидејност.

„Ние нема да дозволиме да влеземе во лошиот филм на СДСМ и нивната ниска политика на фалсификати и монтажи. Ако вака продолжат само уште повеќе ќе се дозаглават во калта во кои самите паднаа“, се вели во реакцијата од ВМРО - ДПМНЕ.

На 27. април, се истакнува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните го дадоа најдобриот одговор на политиките на лаги, манипулации и подметнувања кои, како што се посочува, се единствената понуда од СДСМ.

„Јасно е дека СДСМ е во очај. Јасно е дека таму веќе не се знае кој кого и
за што лаже. Тоа што не е јасно е до каде ќе продолжи да тоне бродот и до кога ќе продолжи неодговорното однесување и манипулациите пред целокупната јавност. За политиката на клевети и навреди, која ја практикува портпаролот Петре Шилегов, својот одговор го даде и судот, кој веќе го прогласи виновен за фабрикување на невистинити приказни, кои имаат цел единствено да нанесат штета“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на портпаролот на СДСМ.