1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ не ги признава изборите и бара техничка влада да спроведе нови

Катерина Блажевска27 април 2014

ВМРО-ДПМНЕ го злоупотреби целиот државен систем за свој партиски интерес- бараме да се организираат избори на кои народот ќе избере власт без притисоци, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

https://p.dw.com/p/1BpE2
Фотографија: Petr Stojanovski

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и здружената опозиција не го признаваат изборниот процес ниту за парламентарните избори, ниту за избор за претседател на државата, соопшти лидерот на СДСМ, Зоран Заев веднаш по затворањето на избирачките места.

„Вакви криминални избори на признаваме. Бараме итно формирање на техничка влада што ќе овозможи спроведување нормални и фер претседателски и парламентарни избори во земјата“, соопшти Заев, тврдејќи дека на овие избори граѓаните на Македонија се измамени.

„Власта на чело со Никола Груевски покажа дека нема минимум волја да спроведе елементарен демократски изборен процес во Република Македонија. Власта спроведе уште едни нефер, недемократски и нецивилизирани избори. Власта уште еднаш, најдрско, го узурпираше уставно загарантираното право на граѓаните за слободно изразување на нивната волја. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, спротивно на Уставот и законите, го злоупотребија целиот државен систем исклучиво во свој партиски интерес“, обвини Заев.

Во тој корпус Заев ги наведе обвинувања за притисоци од власта врз јавната администрација со уцени за губење на работното место, масовно купување на гласачите, инспекциски притисоци врз фирмите, директни закани врз сопствениците, инволвирање на припадниците на полицијата во вршење притисок врз гласачите, уфрлување на фантомски гласачи, па дури и злоупотреба на верски објекти за агитирање во интерес на власта.

[No title]

„Најдрско, противзаконски е злоупотребен јавниот радиодифузен сервис, Македонската Радио телевизија, кој во текот на целата кампања функционираше како партиски билтен и постојано го кршеше Изборниот законик по повеќе основи. Приватните медиуми под контрола на власта постојано и координирано ја дезинформирааа јавноста, при што опозицијата беше попречена дури и во платеното политичко рекламирање“, рече лидерот на СДСМ.

Според него, еден од последните, најдиректни докази дека „држава нема и дека се е партија“, е молкот, игнорирањето и непостапувањето на институциите на системот, за документираните мега криминални и корупциски скандали, во кои според СДСМ е инволвиран премиерот Груевски и негови најблиски соработници.

„Бараме да се организираат избори на кои народот ќе ја врати контролата во свои раце и ќе избере власт по сопствена волја и убедување, без притисоци, без уцени, без купување на гласачи. Нема запирање“, порача Заев.