Светот го виде кралското бебе
24 јули 2013Насмевнатата двојка со новороденчето позираа вчеравечер пред болницата Сент Мери во Лондон пред заминувањето во нивната лондонска резиденција. На истото место пред 31 година тогашната принцевска двојка Чарлс и Дајана на светот му го претставила својот првороден син, принцот Вилијам.
„Убаво бебе е, прилично тешко и веќе има коса на мене, а уште мораме да размислиме за името“ изјави принцот Вилијам кусо време задржувајќи се пред новинарите.
Бебето инаку е тешко 3,8 килограми, а во британските обложувалници пред породувањата како најверојатни имиња доколку се роди момченце беа споменувани Џорџ, Чарлс, Филип и Џејмс.
Прва за името на наследникот ќе дознае британската кралица. Претставници на Бакингемската палата нагласија дека информирањето за името на принцот на кралицата Елизабета Втора, во прв ред, е од почит, а не како барање дозвола за името на бебето. Како ќе се вика принцот, не е познато, а неговиот татко, принцот Вилијам, остана безимен една седмица по раѓањето, меѓутоа принцот Хари, чичкото на најновата принова во британското кралско семејство, го доби името уште при отпуштањето на принцезата Дајана од болницата.
Крштевката на бебето ќе се случи кон крајот на оваа или почетокот на 2014 година. Приватната церемонија ќе се одржи во Бакигнемската палата во тесниот семеен круг, но за медиумите ќе бидат обезбедени официјални фотографии.
Малиот се` уште безимен принц од Кембриџ е третиот правнук на кралицата Елизабета Втора. Во моментот на пат е и четвртиот нејзин правнук, или правнука, откако неодамна беше објавено дека е внуката на кралицата Зара Филипс е бремена.