Свадба од соништата
29 април 2011Принцот Вилијам и Кејт Мидлтон ја крунисаа својата десетгодишна врска пред околу 2.000 гости во Вестминерската катедрала во Лондон, додека преку телевизиските екрани настанот го следи една третина од луѓето во светот. Во опатијата први пристигнаа принцот Чарлс и неговата сопруга Камила. Потоа, Вилијам облечен во црвена униформа и неговиот брат и кум, принцот Хари како и британската кралица Елизабета Втора.
Крунисување на повеќегодишната љубов
Кејт Мидлтон, во придружба на својот татко Мајкл Мидлтон, со „Ролс ројс“ тргна од хотелот во кој престојуваше кон опатијата, пропратена со бурни аплаузи од бројните обожаватели. Мајкл Мидлтон ја придружуваше својата ќерка до олтарот, каде му ја предаде на принцот Вилијам. Свечената церемонија започна со хорот на Вестминерската катедрала, за потоа свештеникот да продолжи со крунисувањето на љубовта.
„Те венчавам со овој прстен“ рече Вилијам, но имаше малку проблеми со ставањето на прстенот. Бурмата е направена од велшко злато, што е традиција во кралското семејство од 1923 година. Принцот Вилијам уште претходно рече дека нема да носи бурма. Потоа, тие ја изговорија заклетвата пред архиепископот од Кантербери, кој ја прочита традиционалната молитва за среќен брак исполнет со многу љубов.
Венчаница од креаторката Сара Бартон
По повеќемесечно исчекување и шпекулации во јавноста, Кејт Мидлтон на венчавката се појави во свилена и сатенска венчаница, со горен дел од рачно изрботена чипка, вел и кралска тијара. Венчаницата ја креираше Сара Бартон од дизајнерката куќа Александар Меквин. Фустанот на Кејт Мидлтон е долг 2,7 метри со долги чипкани ракави и со вел преку главата. Венчаницата чинеше 40.000 долари и е подарок од нејзиниот татко.
Принцот Вилијам, кој во Вестминстерската катедрала пристигна скоро еден час пред свршеницата, беше облечен во црвена офицерска униформа на ирската гарда. Во меѓувреме, принцот Вилијам и Кејт Мидлтон добија титули на војвода и војвоткиња од Кембриџ, соопшти Бакингемската палата.
Стотици илјади го пречекаа брачниот пар долж рутата која ја поминуваат по церемонијата до Бакингемската палата. И покрај најавените грмотевици, двојката патуваше со отворена кочија од 1902 година, која ја користеа и родителите на Вилијам, принцот Чарлс и Дијана, за својата венчавка од 1981 година. Британската влада денешниот ден го прогласи за празник.
Автор: ЈМЈ/TT/миа, макфакс, афп
Редактор: Александра Трајковска