1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санино остана во Скопје

Катерина Блажевска13 февруари 2013

Директорот на Генералниот директорат за проширување на ЕУ, Стефанo Санино, и денеска (13.02) останува во Скопје, во обид да ги убеди политичките партии да најдат решение за излез од кризата.

https://p.dw.com/p/17dX8
Фотографија: DW/Samir Huseinović

Нешто повеќе од 72 часа го делат СДСМ и фронтот Сојуз за иднината од последниот рок за поднесување кандидатски листи за советници и градоначалници за локалните избори. Под притисокот на времето СДСМ не го менува ставот, вели потпретседателот на партијата, Гордан Георгиев.

„СДСМ останува на одлуката на Централниот одбор  дека нема да учествува на локалните избори ако нема договор за предвремени парламентарни. Тоа значи деке ќе ги вратиме и пратеничките мандати во Собранието, кои се потпишани, депонирани во партијата, а ќе ги приложиме тогаш кога ние ќе одлучиме за тоа", изјави Георгиев.

Ваквиот став на опозицијата е една од причините поради која директорот на Генералниот директорат за проширување на ЕУ, Стефанo Санино (фото горе), и денеска остана во Скопје, во обид да ги убеди политичките партии да најдат решение за излез од кризата. Тој завчеравечер пристигна во Македонија и вчера имаше интензивни средби со претставници на власта и опозицијата. 

Странец на чело на експертската комисија

Дипломатски извори тврдат дека не е исклучено тој дури и да го дочека во Скопје неговиот шеф, еврокомесарот Штефан Филе, чија посета на Скопје е најавена за 19 феруари, но, велат дека не е исклучено таа да се реализира и порано. Неофицијално, копјата се кршат околу една варијантата - локалните избори малку да се одложат, со цел да се даде време за формирање на експертска комисија, но со нејзин прецизно утврден формат и рокови за утврдување на настаните што претходеле и кулминирале на 24 декември. Според дипломатски извори, форматот е исклучително важен, со оглед дека еврокомесарот Филе изворно предложил странец да ја предводи таа комисија, а не да биде само член на комисијата без право на глас, како што стои во иницијативата на претседателот Ѓорге Иванов. Исто така, Филе предлагал успехот од работата на таа Комисија, нејзините наоди и евентуално утврдената одговорност за одредени субјекти од страна Комисијата, да биде услов за интеграцискиот процес на Македонија. Со тоа еврокомесарот сакал да го акцентира нејзиното значење и важна улога за излез од кризата, но и за оценките што ќе произлезат за Македонија од наодите на комисијата. Но, во тој план, камен на сопнување е предлогот за договор за предвремени парламентарни избори од кои опозицијата и натаму не отстапува, власта и натаму не го прифаќа, па работите се вртат во круг.    

ВМРО ДПМНЕ и СДСМ молчат за содржината на разговорите со Санино

Во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ ниту ги потврдуваат ниту ги демантираат ваквите сознанија. И двете партии се воздржани за содржината на разговорите со Санино, а јавно потврдуваат дека не отстапуваат од сегашните позиции. Премиерот Груевски вчера децидно повтори дека предвремени парламентарни избори ќе нема.

Генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров вели дека тоа значи оти лично премиерот ја турка опозицијата кон бојкот на локалните избори.

„Тие го кажаа својот, ние нашиот став. Ако мислат дека ќе го смениме ставот во стилот 'попаментиот попушта', како што правевме во претходни изборни циклуси - се лажат. Овојпат решени сме да не попуштаме", изјави Петров.