1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сака ли Грција воопшто студии по славистика на своите универзитети?

26 јули 2011

Друштвото за Југоисточна Европа упати писмо до претседателот на атинскиот универзитет да се заложи за отпуштената професорка по славистика Александра Јоаниду. Зошто ова здружение се ангажира за грчката професорка?

https://p.dw.com/p/1234c
Универзитетот во АтинаФотографија: Nikos Pilos

Александра Јоаниду студираше славистика во Хајделберг. Еден од нејзините професори таму и беше Клаус Штајнке: „Кај мене тогаш учеше бугарски jaзик. Потоа продолжи да се занимава со јазикот, така што добро го зборува бугарскиот јазик. Освен ова студираше и руски јазик. Докторатот и беше за руската литература. Таа е целосно образован славист, во германски смисол, како јазично така и во областа на литературата.“

Ова мислење го делеше и Комисијата на универзитетот во Атина, кога во јули 2009 година ја именуваше Александрa Јоаниду за професор асистент по Славистика и старословенски јазици и истражувања на новоотворената катедра за Словенски студии. Две години подоцна меѓутоа дојде до промена: на 15 март 2011 година без отказен рок беше отпуштена од работа. Заменик министерот за образование Јанис Панаретос како причина наведе „формални нерегуларности“.

Друштвото за Југоисточна Европа со молба до претседателот на атинскиот универзитет

Пред неколку месеци, претседателот на атинскиот универзитет Теодосиос Пелегринис доби писмо од Германија. Во него се упатува молба до Пелегринис „да стори се’ што е во негова моќ“ и „ да ја поддржи извонредно квалификуваната колешка професор Александра Јоаниду во нејзините барања до министерството за образование и да и помогне, да биде ревидирана одлуката на министерството“.

Dr. Alexandra Ioannidou
Д-р Александра ЈоанидуФотографија: Alexandra Ioannidou

Професор Волфганг Дамен предава романиски јазик и литература на универзитетот во Јена и е претседател на научниот совет на Друштвото за Југоисточна Европа. Во оваа функција го упати и писмото до претседателот на атинскиот универзитет, откако се запозна со случајот на професорката Јоаниду. Друштовото за Југоисточна Европа со преку 800 членови од областа на науката, политиката и економијата е најважната невладина организација која ги негува односите меѓу Германија и Балканот. За причините поради кои била отпуштена професорката Александра Јоаниду, Волфганг Дамен објаснува: „Таа е научно докажана, и тоа не е причината. Се претпоставува дека причините треба да се бараат надвор од науката. Имено, таа се занимава со теми, кои не сите ги прифаќаат во оваа форма. Таа се занимаваше со малцинствата во Грција, со словенските малцинства.“

Како славист Александра Јоаниду ги истражуваше словенските дијалекти, кои се зборуваат во северна Грција, во рамките на истражувачката програма на „Институтот за Балкански студии“ поддржуван од државата. Објавените резултати не секаде беа прифатени. Најгласно протестираше десно-националната партија Лаос. Во една дебата во парламентот, партијата ја критикуваше Јоаниду не само поради објавувањето на нејзините научни трудови, туку и поради членството во „Центарот за истражување на малцинските групи“ во Грција.

Universität Gießen Vortrag über Sprachen in Bosnien-Herzegowina Prof. Voß
Професор Кристијан ФосФотографија: Marina Martinovic

Овој политички притисок, како и притисокот од националистички ориенитираните научни кругови доведоа до отпуштање на Александра Јоаниду, смета професорот Кристијан Фос, раководител на одделот за Јужнословенски студии при универзитетот Хумболт во Берлин. Професорот напоменува дека, кога еден предмет како филологија на словенските јазици во Грција уште на почеток е подреден на политички интереси, за да не се скршат политичките табуа, тогаш оваа научна област нема вистинска иднина во Грција.

Кристијан Фос и Александра Јоаниду планираа оваа есен во рамките на Ерзмус програмата на Европската унија да стартуваат заедничка програма за соработка меѓу Хумболт универзитетот и Атинскиот универзитет. Реализицијата на овој проект зависи од одлуката на грчката министерка за образование Ана Диамантопулу, која во моментов го разгледува случајот на професорката Александра Јоаниду.

Автор: Панајотис Купаранис/ Александра Трајковска

Редактор: Симе Недевски