Сакашвили повторно уапсен
9 декември 2017Михаил Сакашвили, поранешен претседател на Грузија и екс гувернер на Одеса, е повторно уапсен во Украина, потврди главниот обвинител Јури Луценко на својата Фејсбук-страница. Обвинителството го товари Сакашвили за земање пари од банда која е поврзана со поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, со цел да се собори актуелната влада во Киев. Сакашвили тврди дека истрагата е политички мотивирана. Доколку биде осуден, му се заканува казна затвор во траење до пет години.
На Фејсбук-страницата на Сакашвили по повторното апсење се појави повик до приврзаниците да дојдат до затворот во Киев во којшто е затворен.
Од истражниот затвор Сакашвили ги повика приврзаниците на протестен собир против украинскиот претседател Петро Порошенко, а тој самиот, како што објавија неговите адвокати, стапи во штрајк со глад.
Сакашвили беше уапсен во вторникот претпладнето, но на неговите приврзанци им успеа да го ослободат од автомобил на безбедносните сили. Потоа Сакашвили отиде пред парламентот, каде неговите приврзаници ноќеваат во шатори веќе со недели.
При повторниот обид за апсење во средата дојде до судири со полицијата. Повредени беа повеќемина полицајци и приврзаници на поранешниот грузиски претседател.
Сакашвили дојде во Украина во 2015 година, на покана на Порошенко. Тој доби украинско државјанство и беше назначен за гувернер на Одеса. На крајот на 2016 година се спречка со Порошенко, обвинувајќи го дека не се бори доволно против корупцијата, и се повлече од гувернерската позиција. Сакашвили формираше своја партија и оттогаш бара оставка на Порошенко. Украинскиот претседател пак, му го одзеде украинското државјанство на Сакашвили. Грузија веќе му го имаше одземено пасошот на Саакашвили, така што тој сега нема никакво државјанство. Во Грузија има налог за апсење на поранешниот претседател поради злоупотреба на службената положба и корупција.
Инаку, Сакашвили нема многу приврзаници во Украина, а неговата партија има мала поддршка од страна на населението. Но, апсењето во вторникот предизвика незадоволство. За незадоволството се виновни и плановите на украинското раководство со промена на законот да биде ставена под политичка контрола институцијата за борбата против корупцијата НАБУ.