САД стравуваат од долга криза
16 септември 2012Белата куќа оценува дека насилните протести во кои беа убиени четворица американски дипломати, би можеле да доведат до „трајна криза со непредвидливи дипломатски и политички последици“, се вели во извештај на „Њујорк Тајмс“.
Како последица на нападите врз американските претставништва во Тунис и Судан, САД почнаа да го повлекуваат својот персонал од тамошните амбасади. Во дипломатските претставништва ќе остане само онолку персонал колку што е неопходно.
Истовремено, американското министерство за надворешни работи ги предупреди граѓаните да не патуваат во Тунис „во овој момент“. Вакво предупредување е издадено и за Судан. Инаку, Американците почнаа да го зајакнуваат своето воено присуство во регионот. Воени сили се испратени во Судан, Либија и Јемен.
Повик за нови напади
Радикални групи повикаа на нови напади врз амбасадите и другите институции на САД. Ал Каеда во Јемен соопшти дека нападите од изминатите денови биле „природен одговор на огромната навреда“ што ја предизвикал анти-исламскиот филм за Мухамед. Истовремено, терористичката организација ги повика и муслиманите во западните земји да ги нападнат клучните институции во тие држави. Повик за протести проширија и пакистанските талибанци.
Протестите траат со денови, но вчера (15.09) состојбата малку се смири. Протестите во текот на вчерашниот ден минаа без крвопролевање. Демонстрации имаше и во Австралија и Франција. Пред американскиот конзулат во Сиднеј дојде до судири меѓу полицијата и околу 200 демонстранти.