САД сакаат да се „ослободат“ од затворениците од Гвантанамо
22 септември 2012Американското министерство за правда објави имиња на 55-мина затвореници кои би требало да бидат префрлени во други држави. Најавата доаѓа изненадувачки, со оглед на тоа што министерството во 2009 година донесе одлука да не наведува детали за затворениците кои го напуштаат американскиот затвор во Куба. Тоа тогаш беше образложено со фактот дека таков чекор би можело да ги загрози дипломатските односи со земјите кои ги примаат затворениците.
Објавувањето на листата беше поздравено од страна на организациите за помош на заворениците во Гвантанамо како придонес кон „транспарентност“. Организацијата Амнести Интернешнл побара 55-темина затвореници „веднаш да бидат префрлени во земји кои ги признаваат нивните права“. За сите затвореници нема држави кои би изразиле подготвеност да ги примат.
Повеќе од 160 затвореници
По терористичките напади од 11. септември 2001 година американската влада на Џорџ Буш го создаде затворот за осомничените терористи на Ал Каеда и талибански борци. Според наводи на организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч, оттогаш во затворот на Гвантанамо биле затворени околу 770 лица. Затворот се најде во фокусот на вниманието на светската јавност и беше предмет на критики пред се‘ поради измачувањето и злоставувањето на затворениците. Во моментов, во затворот во американската воена база во Куба се наоѓаат 167 затвореници. Една половина од нив се од Јемен, а има и лица од Авганистан, Алжир и Саудиска Арабија.