САД: поддршка за земјите од Балкан
19 мај 2009Посетата на американскиот потпретседател Џо Бајден на Босна и Херцеговина, Србија и Косово ја покажува желбата на администрацијата на Обама, САД да се ангажираат во регионот на ЈИЕ за да придонесат за вклучување на земјите од регионот во евроатлантската заедница, најави Белата куќа воочи посетата на Бајден.
„Фактот дека потпретседателот Бајден и претседателот Барак Обама се одлучија тој сега да го посети Балканот е доказ на желбата на администрацијата да покаже дека се вративме, дека Балканот во голема мера е клучен дел на нашата програма“, изјави висок претставник на администрацијата во Вашингтон, на брифинг по повод посетата на Бајден.
Бајден има неколку задачи
Според Ед Џозеф, стручњак за Балканот од универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон, посетата на Бајден е исклучително важна за Балканот и, како што вели тој, „сигурно ќе го забрза развојот на американската политика кон регионот“.
Бајден на Балканот има неколку задачи. Според очекувањата, тој во Сараево треба да ги покрене замрзнатите политички процеси, а во Белград да ги подобри односите на САД и Србија. Тоа што е сосема сигурно е дека во Приштина ќе биде дочекан како херој. За разлика од Косово, за денес во Република Српска се закажани демонстрации на боречките организации. Политичарите во Република Српска тврдат дека нема да има реформа на уставот на БиХ доколку и натаму се опстојува на тоа да има меѓународен надзор во земјата. Многумина во Република Српска стравуваат од најавите дека во согласност со Резолуцијата на американскиот Конгрес, донесена минатата недела, САД би можеле да именуваат посебен пратеник за Западен Балкан.
Најзаначаен политички настан во БиХ
Во федерацијата Босна и Херцеговина, веруваат дека посетата на Бајден е почеток кој би можел да ги деблокира реформските процеси во земјата и да стави крај на долгогодишната босанскохерцеговска агонија предизвикана од Дејтонскиот мировен договор. Министерот за надворешни работи на БиХ, Свен Алкалај, оцени дека „посетата на потпретседателот на САД, Џозеф Бајден на Сараево, за БиХ е сигурно најзначаен политички настан оваа година“.
Автор: ЕМ/ЗЈ/ фена/бета/дв
Редактор: Жана Ацеска