1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД остануваат воено на Косово и се против негова поделба

7 октомври 2008

Американскиот министер за одбрана Роберт Гејтс, воочи престојот во Охрид, на министерската конференција на земјите од Југоисточна Европа, ненајавено допатува во Приштина. Вашинтон е против идејата за поделба.

https://p.dw.com/p/FVc6
Роберт ГејтсФотографија: AP

За време на краткиот престој во главниот град на Косово, Роберт Гејтс разговараше со претседателот Фатмир Сејдиу и премиерот Хашим Тачи. Притоа тој нагласи дека САД се против поделба на Косово и најави дека американската воена мисија продолжува на теренот.

„ Американскиот министер за одбрана, Роберт Гејтс, на прес конференцијата на аеродромот во Приштина, изјави оти не верува дека сега или во иднина, би можело да дојде до поделба на Косово. Вашингтон според него го поддржува територијалниот интегритет на Косово.

Американската мисија продолжува

Американскиот контингент војници во рамки на силите на КФОР, кој брои 1500 војници, ќе остане на теренот најмалку до крајот на 2009 година. Продолжението на мисијата на КФОР, според Гејтс, е од исклучителна важност за мирот и стабилноста, не само за Косово туку и за целиот регион.

KFOR Soldaten in Kosovo
Војници на КФОР на КосовоФотографија: AP

„ Ја повторувам гаранцијата која претседателот Џорџ Буш им ја даде на луѓето во овој регион и на нашите НАТО партнери. Дојдовме заедно и заедно ќе излеземе„ рече Гејтс. Тој понуди американска поддршка во обука и опрема за потребите на косовските сили за безбедност.

Приштина очекува признавање од Скопје и Подгорица

Kosovo Präsident Fatmir Sejdiu zu Serbien
Фатмир СејдиуФотографија: AP

Во однос на прашањето за признавањето на независноста на Косово, Гејтс подвлече дека заедно со САД и ЕУ, досега тоа го сториле 47 земји. Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу од своја страна изјави дека очекува тоа наскоро да го сторат и Македонија и Црна Гора.

Позитивни сигнали од Вујановиќ

Во меѓувреме, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, изјави дека официјална Подгорица и покрај противењето на Белград, наскоро ќе мора да донесе одлука за признавање на независноста на Косово. Ваквата одлука според него ќе биде донесена поради желбата на Црна Гора да стане членка на НАТО и ЕУ.

Инаку ова е прва посета на висок претставник на американската администрација на Косово, откако во февруари минатата година, Приштина еднострано прогласи независност.