1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД му се заканија на Карзаи со повлекување на сите војници

ЕМФ/ард/дв26 ноември 2013

Во судирот околу планираниот Безбедносен договор со Авганистан, САД се заканија со повлекување на сите војници од Хиндукуш во текот на наредната година. Карзаи одговара со нови услови.

https://p.dw.com/p/1AOdI
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американската советничка за национална безбедност Сузан Рајс (на насловната фотографија) на разговорите во Кабул од авганистанскиот претседател Хамид Карзаи побара „брзо“ потпишување на договорот, или во спротивно ќе бидат повлечени сите странски војници од таа земја.

„Ако договорот не биде брзо потпишан САД немаат друг избор освен да почнат со планирање за иднина, по 2014 година, во која во Авганистан веќе нема да има војници на САД или на НАТО“, изјави Рајс на разговорите со Карзаи. Со ставањето потпис не смее да се чека во никој случај, како што тоа го планира Карзаи, по изборите во Авганистан наредната година. Тоа не е „изводливо“, оцени Рајс.

Нови услови од Карзаи

Карзаи, според Белата куќа, на ваквите изјави на американската советничка за национална безбедност одговорил со „нов услов“ и рекол дека не е подготвен на брзо потпишување на договорот. Од кабинетот на Карзаи е соопштено дека претседателот, меѓу другото, барал да престанат операциите на странски војници во населените подрачја. Освен тоа, мора да продолжи мировниот процес со талибанците и да се одржат слободни избори.

Afghanistan Ratsversammlung Loya Jirga Kabul
Лоја Џирга го изгласа Договорот за безбедност со САД по четиридневна дебатаФотографија: Hussain Sirat

Во неделата, советот на авганистанските племенски старешини, Лоја Џирга, го изгласа Договорот за безбедност со САД, кој го регулира статусот на американските трупи по завршувањето на воената мисија, на крајот на 2014 година. Старешините го повикаа авганистанскиот претседател Хамид Карзаи да го стави својот потпис на договорот што е можно поскоро. Авганистанскиот претседател, кој по два мандата нема право да се кандидира, има намера тоа да му го остави на својот наследник, кој треба да биде избран во април 2014 година.

Договорот за безбедност ќе им дозволи на илјадници американски војници од сега присутните 75 илјади да останат во Авганистан и по планираното повлекување на силите на НАТО, на крајот на 2014. година. Тие ќе обучуваат авганистански војници и ќе набљудуваат како тие ја водат борбата со талибанците. За возврат, САД за своите војници барат правен имунитет пред домашните судови.