1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД - земја во распад

Инес Пол/превод: Ж.А.18 јули 2016

Во САД повторно убиства на полицајци, повторно расте загриженоста од безредија. Што се случува со земјата и што ќе значи тоа за изборната трка за претседател, анализа на Инес Пол.

https://p.dw.com/p/1JQgT
Фотографија: Reuters/J. Penney

На некој кобен начин, САД се чини се предвесник и доказ колку брзо демократски устроените општества можат да излезат од колосек во свет во кој центрифугалните сили на глобализацијата ги раскинуваат познатите политички поредоци. Во кој луѓето бараат прибежиште во национализмот и во дигиталниот свет. Иако би било неопходно, веќе не се анализираат причинско-последичните врски. Наместо тоа, брзо се наоѓаат виновници, се именуваат жртвени јарци. Светот се поделува на „добри и лоши“, на „ние“ и „вие“.

Сето ова се случува бидејќи реалноста стана толку напорна, бидејќи веќе не постојат едноставни одговори, а искрена анализа секогаш би дошла до заклучокот дека богаташите мора да направат отстапки, зашто сиромашниот свет повеќе не е спремен на улогата на мирен посматрач.

Затоа во доселеничката земја САД расте агресијата меѓу различни култури, религии, бои на кожата. Затоа секојдневно на улица се убиваат луѓе, деца и полицајци. Сигурно дека во овој контекст не се без значење и лабавите закони за оружје. Точно е и дека расизмот, за кој многумина веруваа дека е надминат, игра страшно голема улога. Се‘уште.

Pohl Ines Kommentarbild App

Неубедлив јазик

Проблемот притоа има и една друга димензија. На нормалниот поредок на оваа земја му се заканува опасност од распаѓање. Луѓето веќе не се спремни на прифаќање на последиците од новиот светски поредок. А политичарите не наоѓаат веродостоен јазик за заедно со институциите, синдикатите, државните и полициските службеници, на цивилното општество да му понудат решенија.

Проблем со реалноста

Оној кој во оваа 2016 година патува низ САД, ќе се соочи со земја во бегство пред реалноста. Во тоа се вклопува намерата на еден човек, кој пожнеа големи успеси во едно риалити-ТВ шоу, да стане американски претседател. Луѓето бегаат во виртуелни светови, се самопотврдуваат позирајќи за фотографии на Фејсбук, Инстаграм или другите социјални медиуми. Оној кој е на пропатување низ оваа земја ќе забележи како едногодишни деца подготвено заземаат соодветна поза за сликање штом ќе видат фотоапарат. Ќе забележи дека тинејџерите во кафулињата не разговараат меѓусебно, туку спремно позираат едни покрај други за фотографии кои веднаш потоа се испраќаат на интернет.

Реалноста се деградира во бина за инсценација на живот, кој често не постои во стварноста. Постојат студии кои докажуваат дека за многумина посета на ресторан, прошетка, семејна вечера, вистински се „доживуваат“ дури тогаш кога ќе бидат постирани фотографии или видео-клипови. Тоа оди толку далеку и важи и за комеморацијата за загинатите полицајци во Далас, каде луѓето плачејќи си паѓаа во прегратка едни на други дури тогаш кога кон нив беше насочена некоја камера.

Доналд Трамп се потпира на оваа инсценирана стварност, со дворците од соништата, неговите голфски игралишта, неговите златни чешми во бањите, со спрејови испрсканото лице и вештачката коса. Тој мора да го прави тоа, зашто му недостасува суштина. Трамп може да го прави тоа зашто рано научил да ги заведува луѓето. А тој е толку успешен, затоа што многумина многу порадо сонуваат за минати светови, отколку да работат за создавање на нови.