САД затвораат амбасади од страв од напади
2 август 2013Американските амбасади коишто вообичаено работеа и во недела, меѓу другите и оние во Абу Даби, Багдад и Каиро, ќе бидат затворени поради безбедносни причини, објави денеска (02.08) Стејт департментот.
„Стејт департментот им издаде упатства на некои американски амбасади и конзулати да останат затворени или да го намалат работењето в недела на 4-ти август. Безбедносните причини не‘ принудија на оваа мерка на претпазливост“, изјави портпаролката на американското министерство за надворешни работи, Мари Харф на дневниот брифинг. Меѓутоа, таа не појасни за кои безбедносни причини станува збор.
Харф одби и да прецизира во кои земји амбасадите и конзулатите ќе бидат затворени, но неименуван висок функционер на Стејт департментот по брифингот на новинарите им рекол дека станува збор за оние дипломатски претставништва коишто вообичаено би работеле во недела.
Според Ројтерс,кој се повикува на податоците од интернет страницата на Стејт департментот, станува збор за неколку американски мисии во муслиманскиот свет, меѓу кои се амбасадите во Абу Даби, Багдад и Каиро.
Телевизијата СиБиЕс јавува дека најавените затворања на амбасадите се во врска со сознанијата на тајните служби, според кои мрежатана исламистичката Ал Каеда планира напад врз едно од американските претставништва во исламските земји. Но, притоа не е соопштено конкретно место. САД, по нападот врз американскиот конзулат во Бенгази во Либија во септември ланската година, ги зголемија безбедносните мерки. Во нападот во Бенгази беше убиен американскиот амбасадор Крис Стивенс и тројца соработници.