1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: ЕУ ја суспендира изградбата на Јужен Поток

ЕМФ/миа7 април 2014

Изградбата на гасоводот Јужен Поток кон Балканот е суспендирана, изјави американскиот дипломат и поранешен пратеник за меѓународни енергетски прашања, задолжен за енергетска политика на САД кон светот, Карлос Паскал.

https://p.dw.com/p/1Bczz
Фотографија: dapd

Според Карлос Паскал, како што јави агенцијата МИА од Вашингтон, политичката криза во Украина довела до одлука во Брисел за целосно запирање на издавањето дозволи кои се потребни за изградба на гасоводот.

„Јужен Поток е многу важно прашање. Тој нема да донесе нови количества гас во Европа, туку само ќе пренасочи гас кој сега минува низ Украина преку друг гасовод. За да можеме да го изградиме овој гасовод, 'Газпром' и нивните партнери мора да добијат огромен број дозволи од Европската унија. ЕУ најави дека го суспендирала тој процес и нема да дозволи нови чекори во таа насока. Нема банка која ќе одобри средства за изградба на гасоводот доколку нема дозволи од Европската унија, така што проектот сега е запрен и нема перспектива да оди напред“, изјави Паскал, кој во Атланскиот совет на САД ја претстави енергетската состојба во Европа по украинската криза.

Како главна бирократска пречка за изградба на гасоводот, според Паскал, ЕУ ќе ја користи монополската позиција на „Газпром“ во Русија и ќе бара реципроцитетно отворање на пазарот пред да може оваа компанија да инвестира во Европа. Паскал не криеше дека вистинската причина за тоа дека Брисел ќе стори сѐ што може да го запре овој проект, е кризата во Украина.

Во меѓувреме, бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин, најави дека неговата земја сѐ уште се надева дека работата на Јужен Поток ќе почне како што беше предвидено. Бугарија е првата алка во низата на Јужен Поток, кој ќе треба да достави гас и до Македонија, преку помала снабдувачка линија која ќе поминува од Србија или евентуално од Бугарија.

„И покрај суспензијата на работата во Брисел, техничките работи за гасоводот не се запрени. Кризата во Украина нема да биде долгорочна закана за реализирањето на Јужен Поток“, изјави Вигенин.

Die South Stream und Trans-Adriatic Pipelines ENG

Паскал најави дека во отсуство на Јужен Поток, единствената реална опција за снабдување на Балканот со гас, е гасоводот ТАП на гигантот БП. Овој гасовод треба да донесе азербејџански гас, кој ќе биде нов производ на европскиот пазар, преку Турција, Грција, Албанија и Јонско Море до Италија. Според Паскал, за надоместување на штетата која Балканот ќе ја претрпи од забраната на Јужен Поток, потребно е да се изгради крак од ТАП кон Бугарија и потоа евентуално понатаму на север.

Според Паскал, Европа сработила доста за намалување на зависноста од рускиот гас, по претходната голема криза со прекинот на снабдувањето преку Украина во 2008-2009 година, така што сега зависи од Русија само за 30 проценти од своите потреби, од кои половината поминува низ Украина. Како главни мерки за натамошно намалување на европската зависност, Паскал рече дека ќе биде користењето на други извори на енергенси и увоз на гас од САД или други земји кои се извозници, преку новите терминали кои се во изградба.

Паскал предупреди дека постоечките дозволи за извоз на гас од САД, сепак значат дека првите нови количества гас ќе се најдат на пазарот дури во 2015 година, а реалните ефекти ќе се почувствуваат по 2017 година.