САД го зголемуваат притисокот врз Иран
7 ноември 2013Целта е што поскоро завршување на спорот околу иранската атомска програма. Во Женева денеска и утре (07/08.11) ќе се одржи нов круг преговори за оваа тема, на која ќе учествуваат претставници на Техеран и на земјите од групата „Пет плус еден“ (САД, Кина, Русија, Велика Британија, Франција и Германија), под покровителство на високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон. Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Сариф изјави дека е можно постигнување согласност уште оваа недела.
Земјите од групата Пет плус еден бараат од Иран прво да стопира некои делови од неговата нуклеарна програма во замена за укинување на некои од санкциите, кои се воведени против него.
САД изјавија дека очекуваат конкретни отстапки од Техеран: „Би сакале да видиме фаза, конкретен чекор кој укажува на стопирање на иранската атомска програма“, изјави висок по ранг претставник на американската влада. Само во таков случај САД се подготвени на одредени олеснувања во санкциите кон Иран, ако земјата покаже првични чекори кон запирање на напредната атомска програма. Но, доколку владата во Техеран не направи брзи конкретни чекори во таа насока, САД наскоро би вовеле и нови санкции.
Ова е втора ваква средба од изборот умерениот ирански претседател Хасан Рохани. Претходната, средба се одржа кон средината на октомври, исто така во Женева. Двете страни разговорите во октомври ги оценија како конструктивни.
Западот го сомничи Иран дека под плаштот на цивилна атомска програма всушност работи на создавање атомско оружје, што Техеран го негира.