Руски луксуз и покрај финансиската криза
10 ноември 2008Журка - и покрај финансиската криза. Московскиот елитен клуб „Д моуст“ им нуди екстра-забава на богатите Руси и им ги трга мислите од пазарот на акции. Според последните резултати, руските богаташи изгубиле околу 230 милијарди долари, како резултат на кризата. Но, тоа многу не влијае на расположението. Клубот е полн како никогаш порано. Дури неодамна организираше и „анти-кризна“ журка, во сеќавање на пропаднатата американска инвестициона банка „Леман брадрс“. „Дојдоа голем број банкари, кои и покрај големите загуби и банкроти, сепак знаат да го ценат нашиот хумор и иронијата со која ги третираме проблемите на светското стопанство. Овде се слават пропаѓањата“ - вели Сергеј Парамонов, менаџер на клубот. Резервација на маса чини и до 5.000 евра. На крајот од краиштата, животот продолжува, вели Парамонов. И Ана Баринова, главна уредничка на руското списание Мадам Фигаро, не очекува големите забави да завршат. „Московскиот ноќен живот ќе стане малку пооскуден, но се разбира дека ќе продолжиме со журките. Барем за оние кои се` уште имаат пари и сакаат да се разонодат“, смета Баринова.
Кризата ќе ги заостри критериумите
Завршува работното време во Мадам Фигаро. Декемвриското издание е веќе во печатница. Уредничката Ана Баринова ги дискутира завршните детали. И во новото издание, акцентот на магазинот е повторно лускузот. Руските богаташи продолжуваат да купуваат, вели Баринова. И тоа не само во Москва, туку и во Париз и Милано. Кај нив очигледно нема место за паника. Искуствата од кризата со рубљите во 1998 година им покажа на сите дека после тешките времиња, доаѓаат убави. Многумина гледаат на кризата како бура што ќе го исчисти она што пречи. На крајот повторно ќе има висока класа, што сака да купува само луксуз. Меѓутоа, смета Баринова, финансиската криза ќе влијае на критериумите. Ако некој дава толку многу пари, иако му се заканува банкрот, очекува највисок можен квалитет.
Некои цени не паѓаат така лесно
А него го нуди Хелен Јармак. Нејзините капути од самурово крзно се уникатни. Во нејзините бутици во Москва, Њујорк и Милан купуваат само најбогатите. Џенет Џексон и Мелани Грифит се само дел од редовните муштерии. И покрај кризата, бизнисот на Јармак цвета. Дизајнерката е изненадена. И покрај лошите вести од берзите, луѓето се се` уште заинтересирани за нејзините капути, чија вредност не паѓа толку лесно како акциите: „Ова е вистинска инвестиција. А оние, кои досега ги давале парите на акции, наместо на самурово крзно, се каат поради тоа и сега надокнадуваат“ - тврди Јармак.
Во клубот “Д моуст“ забавата непречено продолжува - без разлика дали московските берзи крахираат или цената на нафтата паѓа. Кој има доволно резерви, дури и во тешки времиња не се одрекува од ништо.