Рускиот гас повторно протече кон Европа
20 јануари 2009По две недели, рускиот гас повторно доаѓа во Европа. Како што соопштија од рускиот енергетски концерн „Гаспром“, од осум часот по средноевропско време гасот повторно се пумпа во украинскиот гасовод. Ова следи, само еден ден откако Русија и Украина го потпишаа новиот договор за гасот. Во присуство на рускиот премиер Владимир Путин и неговата колешка Јулија Тимошенко, првите луѓе на енергетските концерни „Гаспром“ и „Навтогас“, Алексеј Милев и Олег Дубина го потпишаа документот со кој му се става крај на спорот меѓу двете страни. По ова Путин појасни дека се работи за долгорочен договор кој ќе трае десет години.
Проблемите се надминати
Премиерката на Украина, Јулија Тимошенко оцени дека е ова „историски“ договор со кој се надминуваат сите проблематични точки. И Путин е со сличен став. „Се надеваме дека денеска им ставивме крај на проблемите“, рече рускиот премиер.
Инаку на средбата на викендот Путин и Тимошенко се договорија во 2009, Украина да добие попуст од 20%, што значи да нема промена на цената за гасот и транзитот, додека во 2010 година цените да се прилагодат споре европскиот ценовник.
Европа наскоро ќе се стопли
Според експертите неопходни се 36 часа за целосно да проработи системот на гас за Европа. Русија на седми јануари ја запре испораката на гас за Европа преку Украина под обвинение дека Украинците го крадат гасот кој транзитира низ земјата. Киев ги отфрлаше ваквите тврдења. Поради нивниот спор, милиони луѓе, особено во источна и централна Европа останаа без греење во студената зима.