1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија е закана за мирот и безбедноста во Европа

БГ/миа2 март 2014

Генералниот секретар на НАТО, Расмусен смета дека акциите на Русија во Украина се закана за мирот и безбедност на целиот континент

https://p.dw.com/p/1BIED
Фотографија: Reuters

Дејствијата на Русија се закануваат на мирот и безбедноста во Европа, изјави генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, пред почетокот на вонредната седница на Северноатлантскиот совет и на комисијата НАТО-Украина, закажани за попладнево.

Расмусен прецизира дека ја свикал вонредната седница на Алијансата поради воените дејствија на Русија во Украина и поради заканите на рускиот претседател Владимир Путин против оваа суверена нација.

Според генералниот секретар, руските активности ги прекршуваат принципите на Повелбата на ОН.

„НАТО ја повикува Москва да ги прекине заканите и своите воени актвиности. Ќе го разгледаме одразот на овие дејствија врз мирот и безбедноста, како и нашите односи со Русија“, изјави Расмусен. Тој посочи дека Алијансата ја поддржува територијалната целост и независноста на Украина, како и правото на украинскиот народ без надворешно мешање да ја определи својата иднина.

„Украина е наш сосед и ценет партнер на НАТО. Ги повикуваме сите под итно да продолжат со напорите за одалечување од оваа опасна ситуација. Ја повикуваме Русија да содејствува во намалувањето на тензиите“, изјави Расмусен.