1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија е пред нов пресврт

Роберт Шварц / превод: ЕМФ23 декември 2014

Новиот романски претседател Јоханис, кој на функција стапи точно на денот кога Романија одбележа 25 години од падот на диктаторот Чаушеску, мора да почне веднаш одново да ги меша картите во Букурешт, оценува Роберт Шварц

https://p.dw.com/p/1E9Bs
Фотографија: Reuters/R. Sigheti

Кога пред четврт век беше соборен, а по неколку дена и погубен последниот комунистички диктатор во Романија, Николае Чаушеску, измачената земја колективно воздивна: Слобода! Конечно слободни, извикуваа Романците пресреќни и се надеваа на брз премин во светот на европската нормалност. Народот ги избрка тираните, но политчката моќ остана во рацете на системот.

Новите господари во Букурешт, од кои многумина од вториот ред на комунистичката номенклатура и застрашувачката тајна служба Секуритате, си оставија време за реформи. Прво мораше да се осигураат клучните позиции во државата и да се „вразумат“ новооснованите демократски сили. По траумата од украдената револуција, следуваа нови ломови кои до денес се длабоко врежани во свеста на многумина Романци.

И по Чаушеску - државен терор

За нов претседател беше избран Јон Илиеску, поранешен политички воспитаник на Чаушеску кој беше паднат во немилост. Илиеску трипати доведе тепачки трупи на рудари кои со шипки и пендреци требаше да ги „убедат“ политичката опозиција, новинарите, студентите и интелектуалците дека нема алтернатива за неговата неокомунистичка политика. Ако Романија по падот на Чаушеску уживаше симпатии ширум светот, сега од Букурешт почнаа да стигнуваат уништувачки сигнали - државно управуван терор против оние кои мислат поинаку, со мртви и повредени, во земја која сакаше да добие место меѓу демократските земји.

Бавно, многу побавно од повеќето други поранешни комунистички братски држави Романија го најде својот пат во евроатлантските структури. Сепак, на крајот, приклучувањето на Романија во НАТО во 2004. и во ЕУ во 2007. година беше заедничка волја на политичките вртикапи околу Илиеску, како и на новите либерално-конзервативни партии. Пред се‘ приклучувањето кон ЕУ беше поврзано со јасното барање за ефикасна борба против ендемски развиената корупција.

Басеску направи вовед во вистински пресврт

Голема заслуга на претседателот Трајан Басеску, која сега си замина, е што за десет години од неговиот мандат беше почната борба против корупцијата и беше гарантирана независноста на судството. Басеску беше тој што јавно го осуди државниот комунизам. Многумина се‘ уште се сеќаваат на неговиот огнен говор во парламентот во 2006 година, кога рече дека осудата на комунизмот и фрлањето на 45-годишниот баласт е неизбежност, иако доаѓа толку задоцнето.

Deutsche Welle Rumänisch Robert Schwartz
Роберт Шварц ја води Романската редакција во ДВФотографија: DW

На оваа порака се надворзува и новиот романски претседател Клаус Јоханис. 25 години по падот на Чаушеску, Јоханис вети дека ќе се заложи за отворање музеј за злосторствата на комунизмот. Меѓу првите работи што ги направи на фукцијата е доделувањето највисок орден за антикомунистичките ветерани и поранешните политички затвореници. Задоцнето признание кое се однесува и на сите луѓе кои имаа храброст да борат против комунистичката диктатура. Знак со кој треба да се зачува сеќавањето на жртвите на теророт.

Јоанис нема време за одмор

Покрај ваквите симболични гестови, Јоанис многу бргу ќе треба да преземе конкретни чекори за долго посакуваниот пресврт. Романија страда од огромен застој на реформите, како во политичката, така и во социјалната и економската сфера. Политичките партии сигурно нема секогаш да стојат на негова страна. Новите претседател на избирачите ќе мора да им покаже дека ја заслужува довербата што му ја дадоа. Јоанис е свесен дека неговата победа се должи и на расположението против владејачките социјалисти на неговиот противкандидат, премиерот Виктор Понта. Меѓутоа, неговиот избор, пред се‘ за младите и добро образованите Романци, е генерално сигнал против политичкиот естаблишмент. Сега тој мора да ги спроведе ветените реформи, ако треба и против волјата на тој естаблишмент.

Во едно и неговите избирачи и неговите критичари би требало да се единствени: вообичаените 100 дена што му се даваат на еден политичар на нова функција, претседателот нема да ги има. Тој мора да ја искористи натпартиската збунетост на политичката елита поради неговата изненадувачка победа за да го спроведува чекор по чекор својот изборен слоган. Јоханис, кој има германско потекло, вети Романија на добро завршена работа. На таква Романија луѓето чекааат 25 години. И не треба да чекаат ниту ден повеќе.