1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Репортажа за Србите на Косово по независноста

Мартин Дурм19 февруари 2008

По еднострано прокламираната независност на Косово силите на КФОР, но и српското малцинство се наоѓаат во посебна ситуација. За тоа како излегуваат на крај со неа, повеќе од репортажата на Мартин Дурм.

https://p.dw.com/p/D9gY
Србинка од Косово Поље, иселена по немирите во 2004. годинаФотографија: dpa


Германскиот бригаден генерал Роберт Бунд би требало да биде барем малку нервозен, ако се има предвид какви се‘ сценарија би можеле да се случат на Косово по објавувањето на независноста. Конечно, станува збор за земја во која циркулира големо количество оружје, во која има многу дрога и - етнички тензии, кои пред неколку години ескалираа во вистинска војна.


Но, генерал Бунд е сосема опуштен и немаше предвидено ни посебни мерки за и по денот на независноста на Косово:


„Не, тоа не беше потребно, да се вршат посебни подготовки, бидејќи наша задача е да се грижиме за слободата на движење и за безбедна околина. Тоа важи за сите етнички групи.„


Генералот Бунд при тоа мисли како на околу два милиона Албанци, така и на околу сто илјади Срби:


„Луѓето овде разбраа дека мораат да останат мирни. Тоа според мојата проценка важи и за српските енклави.„


Како е во српските енклави?


Српските енклави се меѓутоа далеку од главниот штаб на германскиот контингент во Призрен. На пример Грачаница, место со многу плодна земја, на која се посеани сиромашни куќи во уште посиромашни населби. А во нив живеат луѓе со тешки судбини, како земјоделецот Стојадин Арсиќ, кој добро зборува албански:


„Порано живеев овде во околината и тоа заедно со Албанци. Немавме никакви проблеми. Тогаш дојде војната меѓу НАТО и Србија во 1999-та, тогаш за прв пат ми ја запалија куќата. Потоа живеев во Фушкосова се до мартовските нереди 2004-та. Тогаш втор пат ми ја запалија куќата и сега сум овде.„


Што ќе помогне планираната мисија на ЕУ на Косово?


ЕУ сака да им ја гарантира безбедноста и културната автономија на Србите на Косово. Со таква задача треба да стигне европската полициска мисија. Но, многумина од Србите не и‘ веруваат на ЕУ:


„Што значи тоа 2000 полицајци од ЕУ, што можат па тие да сторат? Ние Србите не веруваме во мирен соживот со Албанците„ – вели новинарот Предраг Радоњиќ. Европа не‘ предаде, порано Србите владееја на Косово, а сега треба да се задоволат со статусот на заштитено малцинство, нагласува новинарот Радоњиќ.


А земјоделецот Арсиќ додава:


„Јас сум селанец, политиката никогаш не ме интересирала, ниту српската, ниту албанската. Јас сум човек и сакам само да живеам.„