1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Редици за трета вакцина во Охрид

ДТЗ
25 октомври 2021

Пред вакциналниот пункт уште од изутрина има гужви за вакцинација. Над 300 граѓани дневно чекаат да примат трета доза за заштита од ковид. Вакцини има доволно за сите.

https://p.dw.com/p/429UF
Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Повикот на надлежните да се прими бустер доза за подобра заштита од Ковид-19 во текот на зимските месеци предизвика зголемен интерес за имунизација во Охрид. Над 300 граѓани од изутринава и над 200 заинтересирани лица во петокот примиле трета доза за заштита од ковид во градот. Пред вакциналниот пунк на Здравствениот дом-Охрид  уште од раните утрински часови има редици граѓани коишто чекаат да примат трета доза. Најбројни се повозрасните граѓани, коишто се вакцинирале со кинеските „Синофарм“ и „Синовак“ пред три месеци, а има и граѓани коишто примиле од другите достапни вакцини пред шест месеци. Повозрасните граѓани негодуваат што со часови чекаат на студеното време пред вакциналниот пункт, помладите пак, реагираат дека во долгата колона пред вакциналниот пункт не се почитуваат здравствените препораки за држење дистанца. 

Раководителката на вакциналниот пункт, доктор Соња Мариноска за ДВ вели дека деновиве многу е зголемен интересот за вакцинација, пред се кај повозрасните лица и на здравствените работници. „Најчесто се вакцинираат лица над 50 години, здравствени работници и пензионери, кои што претходно се имунизирале со две дози од кинеските вакцини. Вакцини има доволно, граѓаните не треба да стравуваат за тоа“, вели д-р Мариноска. 

Пунктот функционира со скратено работно време од 7 до 14 часот и со ограничен број здравствени лица, поради што редот на граѓаните кои чекаат за имунизација станува се подолг како што што се ближи пладне. Стандардните процедури за дезинфекција, исто така, го усложнуваат целиот процес, па постарите граѓани се жалат дека „веќе нозе не ги држат“, додека да дојде нивниот ред за вакцинација. Често на околните клупи можат да се забележат повозрасни лица кои не се чувствуваат добро или се замориле од долгото чекање, но и пациенти кои одат на дијализа. На нив, здравствените работници веднаш им излегуваат во пресрет за итна вакцинација.  Организирана е и домашна посета за неподвижните лица, кои можат да се вакцинираат во нивните домови. 

Намален интерес за прва доза 

Паралелно се одвива и вакцинацијата за прва доза и за ревакцинација, но далеку најголем е интересот за примање на бустер дозата. Вакцијата се врши со „Фајзер“, а ревакцинација со „АстраЗенека“ и со „Синовак“. 

Анализите на Министерството за здравство покажуваат дека Охрид е меѓу градовите со најголем интерес и највисок процент на имунизирано население. Во септември дури 61,45 отсто од населението во Охрид беше вакцинирано. 

Според последните податоци на Министерството за здравство досега трета доза примиле 10.386 граѓани. За споредба ако во саботата прва доза вакцина примиле 638 граѓани, за трета доза на вакциналните пунктови дошле 4.720 граѓани. Досега вкупно се аплицирани 1.590.219 дози вакцини, а ревакцинирани се 769.356 граѓани. 

Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Граѓаните кои примиле вакцини од кинеските производители се повикани да се вакцинираат со трета доза по три месеци.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

На удар на четвртиот бран на вирусот, каде најраспространет е делта сојот, се невакцинираните и младите меѓу кои процентот на вакцинирани е доста низок. Дури 90 отсто од хоспитализираните пациенти во овој бран се навакцинирани лица.  

Досега во земјата се направени вкупно 1.364.488 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 199.766, бројот на оздравени пациенти е 186.322, на починати е 7.051, а бројот на активни случаи изнесува 6.393. 

Анализи

Националниот Комитет за имунизација неодамна донесе одлука со која се препорачува, граѓаните кои се вакцинирани и ревакцинирани со вакцините на производителите Синовак и Синофарм, трета доза вакцина да може да примаат после изминати три месеци од ревакцинација. Вакцинацијата со трета доза е со вакцина на производителот Фајзер и без закажан термин на кој било вакцинален пункт во државата. За граѓаните кои примиле друг тип вакцина, Фајзер, Астра Зенека или Спутник В, трета доза вакцина може да примаат после поминати 6 месеци од ревакцинација. 

Ефикасноста на вакцините против Ковид- 19, ја потврдуваат многу анализи. Вакцините штитат од тешка форма на болеста, од хоспитализации и смртен исход. Анализите на Министерството за здравство утврдија дека меѓу 79% и 81% од хоспитализираните пациенти со Ковид, се невакцинирани.