1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции во Србија на прогласената независност на Косово

18 февруари 2008

По повод прогласувањето на независноста на Косово, синоќа во Белград дојде до жестоки протести, па мораше да реагира и полицијата.

https://p.dw.com/p/D8zE
Демонстрации во Белгард. меѓу повредените и 15 полицајциФотографија: AP

Демонстрациите беа насочени против американската амбасада во Белград. Демонстрантите ги обвинуваа САД дека од почетокот ја поддржуваа независнота на Косово. Нападната беше и амбасадата на Словенија, сегашниот претседавач на Европската унија. Беа искршени прозорците на амбасадата и беа искинати словенечкото и знамето на Европската унија. Беа искршени и прозорците на два ресторана Мекдоналдс. Интервенираше и полицијата која употреби гумени куршуми и солзавец.

Во судирите со демонстрантите се повредени 30 лица, меѓу кои и 15 полицајци. Претходно на српската јавност и се обратија, претседателот на државата Борис Тадиќ и премиерот Воислав Коштуница. Тадиќ изјави дека Србија никогаш нема да го признае Косово: „Во овој тежок момент за сите нас, сакам да апелирам до граѓаните да постапуваат разумно. Србија ќе преземе решителни чекори и ќе направи се што е во нејзина моќ да се поништи илегалната и самоволна независност на Косово. Србија со мирни, дипломатски и правни средства ќе го анулира ова решение. Србија нема да употреби сила“,изјави Тадиќ.

Од своја страна, премиерот Воислав Коштуница со жестоки зборови се обрати до американскиот претседател Џорџ Буш чие име во историјата на Србија ќе биде запишано со црни букви:

„До ова невидено беззаконие доведе деструктивната политика на САД. Преку овој чин на целиот свет му стана јасно дека САД своите интереси ги ставаат пред Конвенциите на Обединетите нации и меѓународниот поредок. Владата и партиите заедно ќе организираат мирни демонстрации во Србија и ќе објават кога ќе се одржат првите мирни демонстрации во Белград“, изјави Коштуница.