1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции во Србија и Косово по одлуката на Советот за безбедност

25 октомври 2005

Приштина ја оцени како историска вчерашната одлука на Советот за безбедност на ОН за почеток на преговорите за Косово, а политичарите во Србија предупредија дека Белград сега се наоѓа во тешка фаза во која не смее да попушти пред притисоците.

https://p.dw.com/p/Acfh
Гласање во Советот за безбедност
Гласање во Советот за безбедностФотографија: AP

„Ова е одлука која овозможува влез во последната фаза за утврдување на независноста на покраината.“ оцени владиниот кабинет во Приштина.

Проценки од Косово

Премиерот Бајрам Косуми ја поздрави одлуката на Советот ѕа безбедност на Светската организација и веднаш излезе со проценки:

„Јас цврсто верувам дека во јуни 2006та година ќе завршат разговорите за статусот на Косово, и дека Косово ќе стане незавина држава, како и Албанија, Македонија и сите други земји во регионот“ рече Косуми и додаде:

„Ние сме подготвени како и претходно, да ги дадеме сите меѓународни гаранции за почитување на правата на малцинствата, за исполнување на стандардите. Верувам дека во иднина ќе направиме уште поголеми чекори за да создадеме една демократска, европска држава која што ќе ги почитува правата на сите нејзини граѓани“ додаде косовскиот премиер.

Претседателот Ибрахим Ругова, исто така ја поздрави одлуката за отпочнување на преговорите за косовскиот статус:

„Компромисот за Косово е независност, компромисот е оптимум за сите Албанци во регионот. Ние не бараме соединување на Албанците, што би создало нови проблеми. Ние перманентно се залагаме за Косово да биде дел од Европската Унија и НАТО“ рече косовскиот претседател Ругова.

За косовските Срби одлуката е очекувана

За преставниците на косовските Срби во покраината одлуката на Советот била очекувана. Оливер Ивановиќ, лидерот на српската листа за Косово, порача дека сега е најважно учесниците во преговорите добро да се подготват и да изнајдат компромисно решение.

Оценки на Белград

И државно политичкиот врв во Белград очекувал Советот ѕа безбедност на ОН да одлучи за почеток на преговорите за Косово. Србија се наоѓа пред период во кој ќе следуваат тешки и комплексни преговори, рече српскиот претседател Борисав Тадиќ додавајќи дека просторот за одбрана на српските интереси е намален бидејќи земјата наследила тешки последици од владеењето на Слободан Милошевиќ. Српскиот претседател нагласи дека државните и национални интереси ќе бидат бранети со единствен аргументиран план и стратегија.

Во соопштението од седницата на ОН, меѓудругото се изразува поддршка кон намерите на генералниот секретар на ОН Кофи Анан да почне политичкиот процес со кој ќе биде утврден идниот статус на Косово. Тоа не го изненадило српскиот премиер Воислав Коптуница. Тој веднаш по седницата рече:

,, Мислам дека сите учесници беа свесно за историското значење на седницата, бидејќи не се решава само прашањето на Србија, не се решава само прашањето на Косово и Метохија, туку се поставува прашањето: на кој начин, во иднина, ќе се решаваат сличните проблеми? праша Коштуница.

Тој додаде дека со Кососво се прави преседан во решавањето на меѓународните прашања и повика да се изнајде цврсто правило за натамошно делување во слични ситуации.

Потпретседателот на српската радикална партија Томислав Николиќ, пак, во меѓувреме изјави дека властите во Белград мора стриктно да се држат до резолуцијата 1244 и да не попуштат под притисоците и уцените.