1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рајхел: Очекуваме независна сериозна истрага за обвинувањата

ЖА/БГ/Герм.амб.15 мај 2015

Ернст Рајхел, претставник за Југоисточна Европа во германското Министерство за надворешни работи, по посетата во Скопје испрати неколку пораки до власта и до опозицијата во Македонија.

https://p.dw.com/p/1FQLg
Фотографија: DW/Arben Muka

Ернст Рајхел, специјален ополномоштеник за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА во Министерството за надворешни работи на Германија, денеска се сретнал со македонскиот заменик-премиер Фатмир Бесими, министерот за надворешни работи Никола Попоски, како и со Али Ахмети, лидер на ДУИ, и со опозицискиот лидер Зоран Заев. Македонскиот премиер Никола Груевски не го примил германскиот дипломат поради немање време.

Во изјавата по средбите, објавена на интернет-страницата на германската амбасада во Скопје, Рајхел истакнува:

„Во ова време, кога вашата држава се соочува со загрижувачка политичка криза, мојата посета денешна посета има цел да ја нагласи длабоката загриженост на Германија за вашата иднина. Германија ја реафирмира својата посветеност за поддршка на вашата земја на патот кон НАТО и ЕУ.

Длабоко сме загрижени поради последните настани во Куманово, поради насилството кое се случи овде.“

Рајхел изразува сочувство кон жртвите во полициската акција во Куманово, каде 8 специјалци го изгубија животот, а над 30 беа повредени и изразува надеж дека овој настан нема да создаде тензии во меѓуетничките односи.

„Охрабрени сме што гледаме како граѓаните на Куманово од сите етнички заедници се сплотија по инцидентот.“

„Оставките на министрите и на директорот на УБК би можеле да бидат важен прв чекор за почетокот на враќање на јавната доверба и свртување кон основните, уште пофундаментални проблеми кои станаа очигледни. За ова да биде можно, потребно е преземање на натамошни мерки.

Во разговорите со политичките лидери повторив дека Владата мора да положи сметка на конкретен и суштински начин за многуте обвинувања за сериозни владини нерегуларности, кои што излегоа на површина. Исто така, очекуваме независна и кредибилна судска истрага во врска со обвинувањата кои беа изнесени, вклучително обвинувањата за коруптивни практики, недозволено владино влијание врз правосудниот систем и интегритетот на изборниот процес.

Исто така на моите соговорнци им го повторив барањето за иницирање конкретни мерки во однос на недостатокот на институционална и медиумска независност, посочени во снимените разговори“, изјавува Рајхел.

Тој посочува и на демократското право на протест, непосредно пред двата протеста - на опозицијата, кој е закажан за во недела, но и митингот на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе се одржи в понеделник - и ги повика и власта и опозицијата да покажат одговорност во услови на политичка криза во земјата.

„Заедно со нашите партнери од ЕУ и со САД, ние ја нудиме нашата поддршка и ќе продолжиме да го правиме тоа. Моите соговорници ги охрабрив да се ангажираат поактивно и посуштински во посредничкиот процес воден од тројца членови на Европскиот парламент. Како вистински пријател, Германија се надева дека сите релевантни актери активно ќе ја демонстрираат својата приврзаност кон европските стандарди за владеење на правото, транспарантност и праведност. Тоа се клучните вредности на демократија и политичка култура на кои вашата држава се обврзува и самата, како земја која стреми кон членство во ЕУ и НАТО“, стои во соопштението на Ернст Рајхел.