1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте ризикот од сиромаштија во ЕУ

ЕМФ/ард9 јули 2016

Целта на ЕУ беше значително намалување на сиромаштијата во ЕУ во наредните години. Но од таа цел Унијата е многу далеку. Најзагрозени од сиромаштија се Грција и Шпанија.

https://p.dw.com/p/1JJ9t
Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Images

ЕУ е далку од остварување на својата цел - до 2020 година значително да се намали бројот на лица загрозени од сиромаштија. Целта гласи: од 118 милиони загрозени од сиромаштија во 2010 година, бројот да се намали на 100 милиони до 2020-та.

Но, новите податоци од Евростат покажуваат дека во 2010 година уделот на ЕУ-граѓани загрозени од сиромаштија изнесувал 23,8 процент, а во наредните четири години се зголемил на 24,4 проценти. Тоа значи дека во ЕУ загрозени од сиромаштија се 122 милиони луѓе, заклучува заменик-шефот на пратеничката група на Левицата во Бундестагот, Сабине Цимерман, која ги анализираше податоците од Евростат.

Во многу земји во Унијата растат социјалните разлики. Во Грција и Шпанија бројот на лица загрозени од сиромаштија во периодот од 2010 до 2015 е зголемен пред сѐ поради лошата економска состојба на државите и невработеноста што од тоа произлезе. Во Обединетото Кралство во 2014 година 24,1 процент граѓани биле загрозени од сиромаштија, што е само малку пониско од европскиот просек - 24,4%. Експертите оценуваат дека по брегзит невработеноста во земјата би можела да се зголеми. На голем број Британци им се заканува влошување на економската состојба.

Зголемување на бројот на лица загрозени од сиромаштија се забележува и во Германија. Во 2010 година околу 16 милиони граѓани биле погодени од сиромаштија, а во 2014 година тој број е зголемен на 16,5 милиони.

Најмалку загрозени од сиромаштија се жителите на Исланд. Само околу 11 проценти од Исланѓаните во 2014 година морале да се грижат за својата економска ситуација. Исланд минатата година го повлече своето барање за приклучување кон ЕУ.