Расправа за промена на Уставот во Македонија
24 јануари 2011Ќе се менува Уставот на Македонија. Власта предлага измена во делот што ќе овозможи екстрадиција на луѓе, кои се гонети за организиран криминал, опозицијата бара консензус и кога веќе се чепка во највисокиот правен акт да се извршат и други корекции.
Конкретниот владин предлог подразбира со промена на ставот 2 од членот 4 да се овозможи Македонија врз основа на меѓународен договор да може да екстрадира свои граѓани во други земји, но и да бара испорачување на странски државјани, кои ги гони за организиран криминал, кои го злоупотребиле двојното државјанство или избегнувале казнена одговорност. Министерот за правда Михајло Маневски е уверен дека тоа ќе овозможи поефикасна битка со криминалот и корупцијата.
Корист од оваа измена на Уставот ќе имаат сите граѓани од Република Македонија, освен криминалците сторители на кривични дела. Секој што сторил казнено дело мора да биде земен на казнена одговорност и не може да стекне каква било имотна корист од извршеното кривично дело, а двојното државјанство не може да биде брана за избегнување на казнената одговорност, објасни Маневски.
Партиите ги испорачаа барањата
Опозицијата забележува дека власта сака на сила, на мускули да ја истурка промената на Уставот. За тоа е неопходен консензус, порача пратеникот Андреј Жерновски од ЛДП.
Владо Бучковски од СДСМ рече: „Јас никогаш не сум имал на ум дека може да дојде таков монструм, каков што е министерот Маневски, и да го узурпира целото влијание што го има во судскиот совет“.
Пратениците од владејачката партија го бранеа Маневски. Соња Цветковска од ВМРО ДПМНЕ рече: „Министерот Маневски е работлив, вреден, најмногу реформи и проекти за кои вие немавте ниту храброст, ниту доблест се направени токму сега.“
Отворањето на прашањето за Уставот сите партии го искористија за ги испорачаат своите замисли. СДСМ бара кривичните дела од приватизацијата да не застаруваат. ЛДП наместо 120 парламентот да брои 90 пратеници. Нова Демократија инсистира на Бадентер и во Уставен суд и во Судскиот совет, но и при носењето на буџетот. Верските заедници се огласија со барањето со Устав да се забранат хомосексуалните бракови.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Александра Трајковска