1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расмусен бара руско повлекување од границата со Украина

БГ/афп/миа8 мај 2014

Генералниот секретар на НАТО тврди дека нема знаци за руско повлекување од границата со Украина, и покрај таквите тврдења на Москва. Јацењук го критикува Путин поради изјавите за референдумот.

https://p.dw.com/p/1BvQu
Фотографија: Reuters

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен (на фотографијата) ја повика Русија да ја повлече својата армија од границата со Украина и да ја прекине поддршката на проруските сепаратисти во соседната држава.

„Алијансата не е во состојба да ги потврди уверувањата на рускиот претседател Владимир Путин дека војниците се повлечени од украинската граница, посочи Расмусен по средбата со полските министри за надворешни работи и за одбрана во Варшава.

Расмусен ја повика Русија „да се придржува до меѓународните ангажмани“ да ја запре поддршката за сепаратистите во Украина и да ја повлече армијата „за да може да се изнајде политичко решение“ на украинската криза.

Генералниот секретар на НАТО најави и интензивирање на воените вежби во регионот, разгледување на одбранбените планови и распоредување на војници.

Рускиот претседател Владимир Путин, пак, оцени дека кризата во Украина може да заврши, ако Киев ги прекине военитe операции во источниот дел на земјата по одложувањето на најавениот референдум за независност на т.н. Доњецка народна република.

Претходно, вчера Путин повика за одложување на референдумот. Проруските сепаратисти во Источна Украина, најавија дека утре ќе разговараат за предлогот.

Ако проруските сепаратисти го послушаат повикот на Путин за одложување на референдумот и ако Киев ги прекине сите воени операции и преземе чекори за започнување на дијалог, тоа може да ја извади Украина од сегашната ситуација, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.

Ukraine Slaviansk 4.5.14 Checkpoint
Фотографија: Reuters

Украинскиот премиер Арсениј Јацењук го нарече „глупост за која нема основа да се зборува“ апелот на рускиот претседател Путин за одложување на референдумот за независност на таканаречената Доњецка народна република.

„ Владимир Владимирович продава ветер. Зборува нешто за што нема поим.... Тоа не е достојно за Вас, Вие сте претседател на голема држава, порача Јацењук.

Тој наведе дека Путин треба „да е информиран дека никаков референдум не е предвиден во Украина на 11 мај“.