1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ПССЕ се надева на флексибилност на Грција

ЕМФ/миа24 мај 2013

ПССЕ се надева дека Грција ќе примени и прифати пофлексибилен приод кон решавање на проблемот околу името, се вели, меѓу другото, во нацрт извештајот и резолуцијата за постмониторинг дијалогот со Македонија.

https://p.dw.com/p/18dXe
Фотографија: Fotolia/Bastos

Мониторинг комисијата на Парламентарното Собрание на Совет на Европа (ПССЕ) денеска во Талин, Естонија, го разгледа нацрт извештајот и резолуцијата за постмониторинг дијалогот со Македонија и исполнувањето на обврските преземени при приемот во Советот на Европа во 1995 година. Како што јави агенцијата МИА, во извештајот што го поднесе британскиот пратеник Роберт Волтер се опфатени сите сегменти од евроинтеграциите на Македонија, почнувајќи од борбата против корупцијата, преку изборите, се‘ до прашањето за лажните азиланти.

Во резолуцијата, меѓу другото, во точката два се вели: „ПССЕ жали што прашањето за името продолжува да го одложува отворањето на преговори за членство во ЕУ, иако за тоа има препораки секоја година од 2009 досега од страна на Европската комисија, како и обидот на Македонија за членство во НАТО, притоа без да се почитува од страна на Грција одлуката на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011 година. ПССЕ се надева дека Грција ќе примени и прифати пофлексибилен приод кон решавање на ова прашање. ПССЕ ја поканува Македонија да го продолжи дијалогот под покровителство на Обединетите нации за решавање на прашањето на името, како и да развива конструктивни односи со соседите, со тоа придонесувајќи за целокупната стабилност на регионот“.

Документот кој денеска (24.05) е разгледан од страна на Мониторинг комисијата треба да се најде на пленарната сесија на ПССЕ во јуни годинава.