1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширување на НАТО: Збунетост во Брисел

Силвија Штебер (tagesschau.de)/ Симе Недевски3 април 2014

Проширување на НАТО со Украина и со Грузија е црвена линија за Русија. Американскиот претседател и германската канцеларка го исклучуваат тоа, со што прекршуваат едно ветување- зашто и Алијансата се наоѓа пред дилема.

https://p.dw.com/p/1BaHK
Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

„Ниту Украина, ниту Грузија во моментов не се на патот кон членство во НАТО“, изјави американскиот претседател Барак Обама, минатата недела во Брисел, кога беше прашан дали поради тензиите со Русија станува поверојатно дека НАТО ќе го продолжи проширувањето кон Исток, со Украина и Грузија.

Оваа изјава се верува дека многу придонесе за тоа рускиот претседател Владимир Путин од крајот на минатата недела позасилено да се потпира на дипломатијата во украинската криза и да дојде до средба меѓу шефовите на дипломатии на САД и на Русија, Џон Кери и Сергеј Лавров. Членството во НАТО на Украина и Грузија за Русија е црвена линија која како што одамна порачува Кремљ не смее да се пречекори.

Во случајот на Украина во моментов навистина не се поставува прашањето за членство. Населението во земјата е поделено околу оваа тема. Ниту една украинска влада досега нема поднесено официјална апликација за членство во НАТО. Актуелното раководство се потпира на логистичка и техничка поддршка од НАТО, но за прием во Алијансата не станува збор. „Тоа веројатно би било непромислено“, вели Џејмс Апатурај, специјален пратеник на Генералниот секретар на НАТО за Кавказот и Централна Азија.

НАТО го демантира Обама

Belgien Nato-Hauptquartier in Brüssel Flaggen
Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Во случајот на Грузија, Апатурај меѓутоа му противречи на Обама. Во јужнокавкаската република незадоволството и разочарувањето како и загриженоста по изјавата на Обама беа големи, зашто НАТО на Самитот во Букурешт 2008. година сепак вети дека Грузија ќе стане членка на Алијанста. Германската канцеларка Ангела Меркел во 2008. година кусо по петдневната војна меѓу Русија и Грузија во Тбилиси изјави: „Грузија, ако го сака тоа, ќе стане членка на НАТО“.

Апатурај сега уверува: „Одлуката на НАТО Самитот во Букурешт останува во сила. Грузија ќе биде членка на НАТО.“ Според него во основа состојбата е иста како и пред говорот на Обама во Брисел.

За разлика од Украина, Апатурај ја вбројува Грузија, заедно со трите балкански држави, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина во актуелните апликанти за членство. Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен во последното интервју ги посочи токму овие четири држави, кога се изјасни за продолжување на проширувањето на НАТО. Реакцијата на германската влада следуваше веднаш потоа: Проширувањето на НАТО кон Исток „во моментов за нас не се наоѓа на листата на работи кои сега се навистина неопходни“, изјави портпаролот Штефен Зајберт.

Преку сето ова стануват очигледни разликите во ставовите меѓу земјите од НАТО и генералниот секретар Расмусен, кој пред завршувањето на својот мандат за половина година предвид го има и своето политичко завештание.

Неодржливо ветување?

Treffen der Nato-Außenminister 01.04.2014
Фотографија: Reuters/Francois Lenoir

И не само тоа. НАТО имено за оваа тема се наоѓа пред дилема, зашто во прашање не е само ветувањето дадено на Грузија. Поранешната советска република со нејзините 4,5 милиони жители во изминатите години вложи енормни напори за да докаже дека е достојна за членство во Алијансата: реформи на армијата, процес на демократизација со мирен трансфер на власта од спорниот претседател Михаил Сакашвили на милијардерот Биѕина Иванишвили, како и обид за подобрување на односите со Русија.

Дополнителна тежина дава и ангажманот во трупите ИСАФ во Авганистан. Грузија со своите 1500 војници го има петиот по големина контингент на странски војници во Авганистан. 29 Грузијци го загубија животот таму. Па сепак земјата има намера да учествува во мисијата и по 2014. година. Покрај тоа Грузија понуди 150 војници за мисијата на ЕУ во Централноафриканската Република, и со тоа придонесе за воопшто да биде остварен овој ангажман.

Индикатор за веродостојноста на Западот

Belgien NATO Außenminister Treffen in Brüssel Saal
Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Мотивацијата на Грузија е јасна. По векови персиско, османлиско и доскоро руско владеење, земјата сака да оди по сопствениот пат и со оглед на кусокот алтернативи бара заштита кај Западот. Развојот на Грузија, про-западно настроените млади луѓе во Источна Европа и Централна Азија го следат со внимание. Односот на ЕУ и на НАТО кон оваа млада држава за нив е индикатор за веродостојноста на Западот.

Меѓутоа колку повеќе се зголемува дистанцата меѓу Русија и Западот, толку помала е веројатноста дека НАТО може да си ја дозволи колективната заштита, која би требало да ја нуди членството. Во Грузија функционираат два сепаратистички региони Абхазија и Јужна Осетија, кои земјата ги загуби и по сопствена вина и кои сега се наоѓаат под руска контрола. Грузиски политичари и американски експерти како Дејмон Вилсон од Атлантскиот совет во Вашингтон истакнуваат дека правилото за колективна заштита на НАТО не смее да важи за овие региони. Сепак и натаму отворено останува прашањето, како државите од НАТО имаат намера да заштитат еден регион на јужната граница на Русија, кој Москва го смета за своја безбедносна сфера и како таков го има под контрола.

Откажани безбедносни механизми

На ова место јасно паѓа в очи, колкава грешка беше тоа што Западот и Русија не ги доразвија безбедносните механизми за Европа кои ги создадоа уште за времето на Студената Војна. Во нив се вбројува и Договорот за конвенционални борбени сили во Европа. Неговата нова верзија прилагодена на состојбите по крајот на блоковската конфронтација најнапред не сакаа да ја ратифицираат земјите од НАТО. Потоа Русија на крајот на 2007. година го откажа учеството. Москва ја загуби довербата во Вашингтон кога во 2002 година САД истапија од Договорот за ограничување на ракетниот одбранбен систем. Ова се само два примера.

Досега Русија и НАТО избегнуваа секаква директна конфронтација. Сепак источноевропските земји остануваат во небезбедна состојба. Грузија на Самитот на НАТО во септември во Велика Британија ќе добие признание за нејзиниот ангажман, уверен е Апатурај. Но, дали тоа ќе биде „Акциски план за членство“ или некој друг вид договор за партнерство останува отворено. Јасно е само дека мора да биде нешто што нема да ја вознемири Русија, а сепак ќе ги смири луѓето во Грузија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема