1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Просјачки контингент на вакцини за БиХ

Драган Максимовиќ
20 март 2021

БиХ бележи огромен број инфицирани со коронавирус. Досега од последиците починаа преку 5700 лица. Здравствениот систем е пред експлодирање, властите најавуваат италијанско сценарио, а решенија нема.

https://p.dw.com/p/3qs7n
Coronavirus Bosnien | Impfkampagne
Фотографија: Dragan Maksimovic/DW

Со влезот во оваа година, Босна и Херцеговина бележи страшен раст на бројот на заразени со коронавирус, болничките капацитети се пред преоптоварување, а ниедно ниво на власта во земјата нема конкретни мерки. Иако се очекуваше ентитетските власти да воведат рестриктивни мерки, нив ги нема.

Истовремено, Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата на БиХ го одби предлогот на Кризниот штаб на овој ентитет за прогласување природна катастрофа. Властите од кантонот Сараево од синоќа воведуваат мини-локдаун, забрана за движење од 21 до 5 часот, како и забрана за работа на угостителските објекти. Република Српска, иако во повеќе наврати Институтот за јавно здравство предупредуваше на нужноста од итно заостување на мерките, и за следните седум дена ги остави во сила старите ограничувања.

(Не) преземање одговорност

Во вакви услови на различни мерки, не само во ентитетите, туку и во рамките на еден ентитет, неможно е да се очекува било какво подобрување на епидемиолошката ситуација и за таков заклучок не треба некое стручно мислење. Фактот што кантонот Сараево ќе биде во локдаун во следните две недели, а во другите делови од Федерација сѐ ќе функционира нормално, зборува за сериозноста на работата на сите во однос на овој проблем.

Повеќе на темата:

Гестот на „псевдосолидарност“ на Вучиќ во Сараево

Западниот Балкан и вакцините против Ковид: Меѓу неспособноста и геополитиката

Коронавирусот галопира на Балканот, државите уриваат рекорди

Коронавирус вакцини: ЕУ повторно го остави Балканот на цедило

Во Република Српска постои и проблемот на страв на власта од угостителите, зашто на последниот состанок на Републичкиот штаб, на масата беа одлуки за скратување на работното време на угостителите и извештај од образовните институции за исклучително лошата епидемиолошка ситуација, што требаше да резултира со премин на повисоките класови во онлајн настава. Меѓутоа, бидејќи затворањето на школите од една, а нормално продолжување со работа на угостителските објекти од друга страна би предизвикало револт кај јавноста, решено е постоечките мерки само да продолжат.

Кој кого контролира

„Од ова се заклучува дека Кризниот штаб нема храброст да воведе построги мерки, но ни да преземе одговорност ако ситуацијата во РС се влоши. Наместо носење храбра одлука, тие одговорноста ја префрлаат врз граѓаните и ги таргетираат како главни виновници ако се заразат, значи се препуштени сами на себе“, вели уредникот на деловниот портал Капитал, Синиша Вукелиќ, правејќи иста паралела со Федерацијата на БиХ, со оглед што граѓаните во БиХ веќе не можат да се потпрат на институциите, чии претставници гледаат само како да се ослободат од одговорност.

Coronavirus Bosnien | Impfkampagne
Вакцини во БиХ речиси нема, а бројот инфицирани рапидно растеФотографија: Dragan Maksimovic/DW

Претставниците на здружението на угостители „ХоРеЦа“ пред одлуката на владата го предупредија Кризниот штаб дека ако дојде до затворање, две до двеипол илјади луѓе ќе останат без работа, а „не е потврдено дека некој се инфицирал во угостителски објект.“

„Ако се затворат угостителските објекти, дружењето само ќе се префрли по куќи“, изјави Далибор Шајиќ, претседате на здружението.

Војни преку вакцините поради губење на власта

Познавачите велат дека е јасно оти политиката веќе не ги слуша стручњаците, со оглед што сите предлози на епидемиолозите за заострени мерки се одбиени. Најтешка ситуација во Федерацијата е во кантонот Сараево, каде се воведени рестриктивни мерки одбиени од парламентот на овој ентитет, само поради судирот со СДА и новата власт која по 20 години го презеде управувањето со кантонот на чело со премиерот Един Форто (Наша партија).

„Доколку и натаму изостанува поддршка од ентитетско и државно ниво, крајно време е да се покрене и прашањето за одговорност на носителите на извршни функции на ентитетско и државно ниво за кривично дело загрозување на здравјето поради неактивност, односно неблаговремена реакција во услови кои се во нивна надлежност“, напиша премиерот на КС Един Форто во писмо до претставниците на извршната државна, ентитетска и кантонална власт.

Слична е ситуацијата и во Република Српска, каде се врши притисок врз локалните заедници да воведат непопуларни мерки, каде Бањалука е прва на удар поради најлоша епидемиолошка ситуација и првиот човек во градот, Драшко Станивуковиќ, кого власта на РС го „чека“ на првиот лош потег.

#dw_BalkanBooster: Како против втор бран коронавирус?

А лоши потези на сите останати се нижат еден по друг. Премиерот на Федерацијата БиХ Фадил Новалиќ изјави дека овој ентитет до понеделник ќе добие прв дел од контингентот од 500.000 вакцини, односно 100.000 дози. Но, наш извор од процесот на дистрибуција на вакцини во БиХ вели дека не постои можност такво нешто наскоро да се случи.

Вакцините нема да дојдат брзо

„Неможно е да стигнат за толку кратко време, зашто вакцини моментно не можат да се набават, а дека некој има некого преку кого може да набави е бесмислено“, вели нашиот извор, истакнувајќи дека дистрибутерите единствени можат да набават вакцини, а на сите производители БиХ им е речиси небитна со неколку милиони дози.

Процедурата е ентитетските влади или заинтересираните субјекти да вршат увоз на вакцини преку дистрибутерите. Со оглед што руската вакцина не е регистрирана, се работи за интервентен увоз, а тоа барање мора да го одобри надлежно министерство. Кога ќе биде потпишан договор, а испораката на вакцини спремна, Агенцијата за лекови на БиХ презема мал дел вакцини на проверка и дури по таа контрола се одобрува дистрибуција и користење во земјата. 

Според неофицијални информации, „Крајинагруп“, еден од дистрибутерите во БиХ, предал барање за регистрација на Спутник V во БиХ. Ако дојде до тоа, дистрибутерите кои досега се во оптек за набавка на вакцини и имаат потпишан договор со владата на Федерацијата, нема да можат да реализираат увоз. Во целиот хаос, премиерот на Федерацијата, Фадил Новалиќ, има објаснување зошто вакцините не се набавени порано.

„Да сакавме да глумиме држава, вакцини ќе набавевме во декември, но не е важно“, рече Новалиќ на седница на владата, алудирајќи на Република Српска, која самостојно се впушти во интервентен увоз од Русија, од каде досега се увезени 50.000 вакцини, со најава следните денови да дојдат уште.

Ако се изземат вакцините кои самостојно ги увезе РС, во остатокот од БиХ досега не е дојдена ниедна вакцина по заслуга на државните или федерални власти. 10.000 дози од АстраЗенека на Федерацијата ѝ донираше Србија, 4800 дози БиХ доби од Словенија и во последниот, просјачки контингент – 30.000 дози донација од Турција, за која уште не се знае кога ќе стигне, ниту за кој производител станува збор.