1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Климата ги загрозува финансиските пазари

Мара Бирбах/З. Јордановски13 ноември 2015

Не се само екологистите загрижени поради пораст на температурите. Мерки за спречување на промената на климата можат краткорочно да доведат и до загуби на финансиските пазари. Но, уште поскапо е ако ништо не се презема.

https://p.dw.com/p/1H5FY
Фотографија: Imago/All Canada Photos

Неколку недели пред почетокот на конференцијата на ОН за климата, една студија може да ја стави политиката под натамошен притисок, за во Париз да бидат донесени далекусежни мерки за заштита на климата. Студијата на Институтот за одржливо управување од Кембриџ е една од првите примарно концентрирани на влијанијата од промената на климата врз финансиските пазари.

Истражувачите од Кембриџ претскажуваат како може промената на климата да влијае врз економските постигнувања, а ги испитуваат и можните влијанија на климатската политиката врз финансиските пазари во наредните пет години.

Краткорочно трошоци, долгорочно добивка

Политичките мерки за ограничување на затоплувањето на Земјата, според студијата, на краток рок ќе имат негативно влијание врз реалното и финансиското стопанство. Но, ограничувањето на порастот на температурата долгорочно би имало значително позитивно влијание врз светската економска ситуација.

USA Dr. Scott Kelly
Скот КелиФотографија: privat

Доколку биде постигната целта - загревањето на Земјата да се ограничи на два степена во однос на прединдустриското ниво, севкупното глобално економско постигнување би можело да биде за 20 проценти повисоко отколку во сценариото во кое политиката не дејствува и расте потрошувачката на фосилни извори на енергија.

Во наредните пет години на инвеститорите им претстојат големи предизвици. Инвестициските фондови кои првенствено се состојат од акции можат да загубат и до 45 проценти од вредноста доколку не бидат преземени никакви мерки во климатската политика, а потрошувачката на фосилни горива расте. Од тоа особено тешко би биле погодени пазарите во земјите во развој. Доколку политиката сепак преземе ангажирани мерки за остварување на целта за „два степена“, во почетокот исто така би опаднала вредноста на инвестициските фонодови, но не повеќе од 15 проценти. Освен тоа, според студијата, пазарите би се опоравиле побргу и посилно.

Повик за дејствување

Ако ги пренасочат парите, инвеститорите би можеле да избегнат околу половина од ризиците поврзани со промената на климата. Кој побргу ќе ги премести во фирми и земји помалку погодени од неа, може да си обезбеди конкурентска предност, сметаат истражувачите. Но, приближно половина од ризиците во сите категории на вложувања се неизбежни.

Скот Кели, еден од авторите на студијата, смета дека резултатите од неа се натамошна причина за политичарите да донесат драстични спогодби на конференцијата за климата во Париз: „Наше клучно резиме е дека можат да се согледаат ризиците од промената на климата и инвеститорите треба да ги вклучат тие ризици при донесувањето решенија“. Во разговор за ДВ тој укажа: „Колку подолго одолговлекуваме со насочување на преминот, толку повисоки ќе бидат трошоците. Тоа е еден од главните ризици со промената на климата. Финансиските пазари и стопанството имаат потреба од регулиран премин кон иднина без јагленород“.

Bildergalerie Debatte Nachhaltigkeit Rio
Николас СтернФотографија: AP

„Најголемото пазарно потфрлување на сите времиња“

Сознанијата на Кели и неговите колеги се совпаѓаат со другите научни студии за промената на климата. Николас Стерн во 2006. година објави влијателен извештај на 700 страници, во кој промената на климата ја нарече „најголемото пазарно потфрлување на сите времиња“. Некогашниот прв економист на Светската банка дојде до заклучок дека ползата од навремени мерки против затоплувањето на Земјата би била далеку поголема отколку трошоците што ќе настанат ако не се дејствува. Минатата година тој изјави дека решителното постапување на политиката во меѓувреме станало уште поитно потребно, отколку што се сметаше во 2006.

Истражувачите на Лондон скул оф економикс во јули годинава објавија студија, според која предностите на радикална политика за заштита на климата претежнуваат не само глобално, туку и за поедничени земји. Со тоа истражувачите му се спротивставуваат на распространетото гледање дека промената на климата била пример за „трагиката на Алменде“ - таа теорија вели дека слободно расположливите, но ограничени ресурси не се користат ефикасно оти поединци сакаат да се збогатат на сметка на заедницата.

Марк Карни, директор на Бенк од Ингланд, ја означи промената на климата како сериозна закана за финансиската стабилност. Така, од 1980. година наваму значително се покачиле трошоците на осигурувањата за обесштетувања условени од временски непогоди. „Предизвиците пред кои денес не исправа промената на климата губат на значење во споредба со она што допрва би можело да не снајде“, рече Карни во еден говор во септември.