1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжен мандатот на германските воени мисии во Авганистан

12 октомври 2007

Бундестагот гласаше за продолжување на уште една година на мандатот на двете германски воени мисии во Авганистан - ангажманот на шесте разузнувачки авиони Торнадо и учеството на Бундесверот во трупите ИСАФ.

https://p.dw.com/p/BqNw
Бундесверот останува уште една година во АвганистанФотографија: AP
Министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг посакуваше одлуката за продолжување на мандатот на германските воени мисии во Авганистан да биде усвоена со дво третинско мнозинство со што ќе се даде јасен сигнал за подршка на војниците кои заминуваат на служба во оваа земја. Денешното гласање го донесе посакуваниот исход: 454 гласа за, 79 против и 48 воздржани од вкупно 581 присутен пратеник.

Авганистан не треба да се остави сам на себе

Претставниците на партиите од владејачката коалиција на Христијанско демократската унија и на Социјалдемократската партија но и опозициските Либерали претходно во расправата во Бундестагот го потврдија својот став дека Авганистан не треба да биде оставен на цедило.

Шефот на пратеничката група на Социјалдемократите Петер Штрук порача дека треба да се има трпение - Мора да се биде начисти со тоа дека ние не можеме вечно да останеме во оваа земја и да чекаме на пензија таму, но мора да се има и трпение. Тоа според мене значи дека ние мораме да ја притискаме авганистанската влада да го продолжи концептот на борба против произведувачите на наркотици и обновата на полициските и армиските сили . Но уште еднаш велам, доколку прашувате за време, а тоа новинарите радо го прават, тогаш ние мораме да останеме во Авганистан уште најмалку 10 години – истакна Штрук

Без воена ќе пропадне и цивилната поддршка

Германската министерка за развој Хајдемари Вичорек Цојл пак од говорницата во Бундестагот, во име на владата апелираше мандатот да биде продолжен - Без придружна воена подршка, цивилната обнова на Авганистан ќе пропадне. Тоа е вистината – порача Вичорек Цојл

Лидерот на опозициските Либерали и претседател на парламентарната група на партијата Гидо Вестервеле изјави дека денешната одлука не е само акт на солидарност со авганистанскиот народ туку и придонес за сопствената безбедност и слобода на Германија.

Од другастрана опозициските партии на Зелените и на Левицата ги објаснија причините зошто се спротиставуваат на продолжувањето на мандатот. Претседателот на партијата на Левицата, Лотар Биски, побара промена на стратегијата во полза на цивилната обнова на Авганистан. -Мисијата ИСАФ излегува од патот. Оној кој сака да го продолжи германското учество во оваа мисија ја подржува воената стратегија на ескалација што ја води НАТО. За тоа ние велиме одлучно не. - рече Биски.

Afghanistan Deutschland Bundeswehr Tornado und Soldaten in Mazar-e-Sharif
„Торнадата“ остануваат во АвганистанФотографија: AP

Шефицата на парламентарната група на Зелените Ренате Кинаст, изјави дека нејзината партија е загрижена дали досегашната политика со пола срце , ќе ги реши проблемите - Повеќето од нас нема да го подржат тоа - порача Кинаст .

Инаку мандатот на Бундесверот во Авганистан опфаќа 3500 војници како и шест разузнувачки авиони тронадо. Трошоците за наредната година ќе изнесуваат 487 милиони евра. Меѓу германското население ангажманот на Бундесверот во Авганистан инаку наидува на се повеќе скептицизам. Речиси половина од испитаниците во последните анкети се изјаснуваат за повлекување на германските војници од оваа земја.