Проди победник на изборите во Италија
20 април 2006Централно левичарската коалиција во Италија конечно може да се радува. Националната изборна комисија на Касациониот суд официјално потврди: Сојузот Унионе, предводен од Романо Проди победи на парланментарните избори со предност од 24.755 гласови. Проверката на околу 5.000 оспорувани гласачки ливчиња не донесе промена.
Отфрлени се и протестите на Силвио Берлускони против кандидатурата на партија во Северна Италија. Врз основа на сега официјалните разултати централно левичарскиот сојуз располага со мнозинство во двата дома на италијанскиот парламент - според италијанскиот закон ова е предуслов за да може една партија да раководи со владата. Во пратеничкиот дом дури мнозинството за Проди е и солидно, благодарејќи на така наречен бонус воведен од старата влада, имено на изборниот победник во овој дом автоматски му се гарантира мнозинство од 63 места.
За идната влада потешка ќе биде ситуацијата во сенатот, каде сојузот на Проди според очекувањата ќе има предност само од две места. Точниот број ќе биде познат наредните денови.
Но и покрај одлуката на Касациониот суд Силвио Берлускони и натаму не ја признава победата на Проди и според италијанската новинска агенција Анса тој најави и обжалување на одлуката. Политичката драмата во Италија почна веднаш по изборите, кога Берлускони побара пребројување на гласовите и во јавноста излезе со обвинување дека е извршена изборна измама. Пред новинарите дури рече дека со пребројувањето на гласовите „ Мора нешто да се смени“ по што преку неговиот портпарол се обиде да го корегира изборот на зборовите, но префрлувањето за изборна измамам остана. Сега водачот на централно – левичарската коалиција сака колку што е можно побрзо да формира нова влада но постои уште еден проблем.
Италијанскиот претседател Карло Азељо Чампи, чиј мандат истекува за четири недели досега имаше намера именувањето на новиот кабинет да му го препушти на неговиот наследник. Ова би значело дека Берлускони на премиерската функција ќе остане до јуни.
Но со оглед на политичката клима во Рим, дојде и сигналот дека Чампи сепак е подготвен да делува побрзо. Шефот на државата се дистанцираше од сомневањата на Берлускони.
Одлуката на судот треба формално да ја потврдат и двата дома на парламентот, кои утре за првпат ќе оддржат седница.