Продавници без пари?!
23 декември 2009Овде нема ниту натписи ниту цени. Ниту касиерки, или обезбедување. Се е бесплатно! Во Германија има 50 т.н. продавници за без пари, кои функционираат веќе со години. Една продавница во западниот дел на Келн постои од 2004 година. Филозофијата која стои зад ваквата идеја е критика на потрошувачкиот менталитет и антикапитализмот.
„Купи го тоа и ќе бидеш среќен! Тоа не е вистина! Да се биде среќен нема никаква врска со трговијата. Нашата мала заедница на тој начин сака да се одбрани од потрошувачкиот терор“, вели Хајди Ринкау и енергично удира по масата. Веќе две години оваа 62-годишна жена работи во продавницата во Келн. Принципот на бесплатните продавници е едноставен: доколку имате нешто што не ви е потребно го носите таму. Доколку нешто ви е потребно, одите таму и го земате. Меѓутоа, можете да си исполните само три желби. Или поточно, толку парчиња му следуваат на секој муштерија.
Непосредно по отворањето на продавницата десетина луѓе се туркаат во малата просторија. Дрвениот под се витка под зимските чизми. По полиците се наредени машки кошули, зимски џемпери и детска гардероба. Има и агол за играчки, а зад вратата се наоѓаат стари чаши за вода и за пиво, и мали чинивчиња од стакло и порцелан. Еден млад човек тукушто донесе уште неколку...
„Пред да ги фрлам овие работи, си помислив дека би можеле да му послужат некому. Принципот е добар. На тој начин може да им се помогне на сиромашните.“
Колешката на Хајди, Хелга Голденхаус ја презема кесата со шољи за кафе, лончиња за млеко, тањирчиња и прибор за јадење.
Муштериите воглавно бараат облека, книги и играчки. Но и работи за домаќинство. Во последно време во продавницата доаѓаат се’ повеќе луѓе.
„Забележуваме дека има се повеќе сиромашни, и се повеќе корисници на социјална помош. Тие се среќни кога ќе добијат нешто, за што не мораат ниту да се правдаат, ниту да платат.“
Автор: Моника Грибелер/Борис Георгиевски
Редактор: Жана Ацеска