1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прогласување на сојузнички случај на НАТО заради Турција?

Свен Пеле/ Симе Недевски8 октомври 2014

Состојбата на сириско-курдската граница станува сѐ подраматична. Анкара ѝ се заканува на терористичката милиција „Исламската држава“ со прогласување на сојузнички случај на НАТО. Кога тој стапува во сила и што содржи?

https://p.dw.com/p/1DRf3
Фотографија: picture-alliance/AA/Ozge Elif Kizil

НАТО се подразбира себеси како одбранбен сојуз. Ако некоја земја-членка е нападната, тоа според Членот 5 од НАТО- договорот се смета како напад врз сите членки. „Страните се согласни дека во случај на напад секоја од нив ќе им обезбеди поддршка на страната или на страните кои се нападнати“ Доскорешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен ова нешто што се подразбира само по себе го опиша со зборовите: „Сите за еден, еден за сите“. За сите случаи под овој праг земјите-членки според Членот 4 можат да ја разгледаат ситуацијата: „Страните ќе извршат меѓусебни консултации, ако според мислењето на една од нив е загрозен територијалниот интегритет, политичката независност и безбедноста на една од страните“.

Во суштина т.н сојузнички случај досега во историјата на НАТО бил прогласен само еден единствен пат: по терористичките напади на Ал Каеда врз САД на 11 септември 2001 година.

Но, ова би можело да се промени со оглед на напредувањето на терористичките милиции на самопрогласената „Исламска држава“ (ИД) во Сирија и во Ирак., зашто тоа во истовреме ја загрозува и членката на НАТО, Турција. Борците на ИД се пробиваат сѐ поблиску до турската граница. Со денови ја напаѓаат куртската енклава Кобане. Ако на џихадистите им успее да го завземат градот, тие би контролирале една поголема територија по должина на турско-сириската граница. Анкара повеќепати на радикалните исламисти им се закани со сојузничкиот случај доколку единиците на ИД ја нападнат турската територија.

Patriot Raketen der Bundeswehr in der Türkei 25.03.2014
Фотографија: AFP/Getty Images/John Macdougall

Проблемот број 1: Мавзолејот на Сулејман Шах

Притоа од турска страна на гледање не станува збор само за областите на сопствената страна од границата, за чија заштита Турција веќе стационираше илјадници војници и десетици тенкови на границата со Сирија. Дополнително НАТО- партнерите во рамките на операцијата „Активна ограда“ ја поддржуваат Турција при противвоздушната одбрана. Прашањето за обврската за помош од партнерите во Алијансата можно е да се однесува и на една област која не се наоѓа на турска територија. Мавзолеумот на Сулејман Шах, дедото на првиот отомански султан. Гробот се наоѓа на еден полуостров во реката Еуфрат, на околу 30 километри одалеченост од пограничниот град Кобане, кој веќе две недели се наоѓа под опсада на ИД. Владата во Анкара територијата околу мавзолејот ја смета за неповредлива турска територија. Таа е заштитувана од 35 турски војници. Околните области ги контролираат борците на ИД. Доколку тие нападнат, Анкара се заканува дека ќе прогласи сојузнички случај на НАТО.

Спорно е меѓутоа дали оваа област е навистина турска територија. Со еден договор од 1921 година, Турција има добиено гаранции дека мавзолејот треба да остане во турска сопственост и ѝ се дозволува на Анкара таму да постави почесна стража и да го развее турското знаме. НАТО досега за ова прашање нема издадено меѓународно-правна проценка. Новиот генерален секретар Јенс Столтенберг меѓутоа увери дека „Турција ќе биде бранета, ако биде загрозена нејзината безбедност“.

Kobane Syrien Kämpfe Grenze Türkei Soldaten 05.10.2014
Фотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Проблем број 2: тампон-зона

Правната ситуација е најасна и кај едно друго сценарио: турскиот парламент неодамна ѝ даде мандат на војската да оперира на сириска и на ирачка територија за да создаде тампон-зона. Во ваков случај меѓутоа е прашање дали Членот 5 од Договорот на НАТО стапува во сила и ако турската војска оперира на сириска територија. Поранешниот НАТО-генерал и поранешен генерален инспектор на Бундесверот Харалд Кујат за весникот „Билд“ изјави“: „Доколку турските трупи без согласност од Сирија и без мандат од ОН дејствуваат на сириска територија и притоа бидат нападнати, тоа во никој случај не може да биде сојузнички случај за НАТО“.

Kobane Syrien Kämpfe Grenze Türkei Soldaten 04.10.2014
Фотографија: Reuters/Murad Sezer

Поддршка и без обврската за помош?

Ако стапи во сила сојузнички случај на НАТО, Членот 5 не прецизира како треба да реагираат земјите членки. Автоматизам за воени напади не постои. Членот 5 само утврдува дека секоја земја-членка „презема мерки, кои ги смета за неопходни“. Настрана од можното прогласување на сојузнички случај, трупи на некои НАТО-држави веќе се борат против ИД. Водечката сила во Алијансата САД на пример спроведува воздушни напади врз позиции на ИД во Сирија и во Ирак. И Велика Британија и Австралија се вклучени во воздушните напади. Германија пак ги поддржува курдските пешмерга борци со оружје и помошни сретства.